• четврток, 26 декември 2024

Отворено писмо на здружението „Сакам да работам“ по повод продолжувањето на процедурата на измените на Законот за игри на среќа

Отворено писмо на здружението „Сакам да работам“ по повод продолжувањето на процедурата на измените на Законот за игри на среќа

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ испрати отворено писмо до членовите на Собранието (претседателот, заменик претседателот, членовите, заменик членовите на Комисија за европски прашања) по повод продолжувањето на собраниската процедура на измените на Законот за игри на среќа.

Во писмото пишува дека земајќи го превид денешното продолжување на седницата на Комисијата за европски прашања на чиј дневен ред се измените на Законот за игри на среќа и игнорирањето на нивните предупредувања, ќе се обидат преку лични сведоштва уште еднаш да објаснат зошто оваа одлука е погрешна.

- Конкурираш на јавен оглас на компанија која од владата на предлог министерството за финансии и е издадена лиценца за организирање посебен вид игри на среќа. Дел од овие компании се странски инвеститори, светски корпорации во оваа индустрија. Тоа влева сигурност и самодоверба дека ако те примат ќе добиеш сигурна работа. Во ова време тоа е реткост. Менаџментот те испраќа на платена обука, бидејќи не можеш да потпишеш договор за работа на неопределено време се додека не си подготвен да ги исполниш строгите стандарди за професионалност при извршување на работните задачи. Почнуваш да работиш, добиваш редовна, добра плата, со сите придонеси, плус со платени двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7. Добиваш финансиска сигурност. Основаш семејство, ти се раѓаат деца, решаваш да подигнеш кредит за да купиш стан, кола, си го планираш животот бидејќи веруваш дека имаш финансиска сигурност и без проблем ќе ги плаќаш ратите, пишува во писмото.

Тие додаваат дека со тоа што Владата ја одзема лиценцата за работа која самата таа ја издала и му предлага на Собранието да усвои законски измени заради кои компанијата ќе биде принудена да стави клуч на врата, странските инвеститори ќе ја напуштат земјата.

 - Загрижените лица на менаџерите дополнително те вознемируваат. Закуподавецот на објектот каде работиш станува нервозен бидејќи договорот за закуп ќе мора предвреме да му биде раскинат. Те фаќа несоница од помислата дека ќе останеш без работа. Нема да можеш да ги плаќаш кредитите, те обзема страв дека ќе си имаш работа со извршители. Ќе стане хаос. Немаш избор, почнуваш да бараш контакти во странство за да дознаеш какви можности имаш да работиш таму. Пишуваш биографија и ја испраќаш. Со искуството во индустријата игри на среќа можеш веднаш да најдеш работа во западните земји, во ЕУ. Со горчина во душата почнуваш да го подготвуваш семејството дека можеби ќе нема друг избор освен да се иселите од сопствената земја, објаснуваат вработените.

Во писмото Здружението на вработени во секторот игри на среќа им се обраќа и на пратениците искажувајќи го гневот што надлежните државни институции никогаш не застанале во нивна одбрана.

 - Не оставија на бришан простор и подлегнаа на континуираната негативна кампања против легалните игри на среќа, зад која се кријат нечии бизнис интереси да се печали од играње на црно. Само се лажете ако мислите дека лесно ќе се помириме со судбината. До последно, со сите демократски средства ќе се бориме против неправдата. Ние не сме роботи за да ни биде сеедно што ни се загорчува животот, пишуваат тие.

Во писмото пишува дека гласањето на овие законски измени е глас ЗА егзодус на дополнителни 35 илјади луѓе, кои ќе бидат присилени да си заминат од државата.

 - Не сакаме да веруваме дека било кој од Вас може мирно да спие откако кренал рака за да нанесе ваква неправда. Никој од Вас не е избран на избори за да отпушта вработени туку да решава проблеми. Повлечете ги скандалозните и противуставни измени пред да стане предоцна, пишуваат вработените.

 „Сакам да работам“ истакнува дека со донесувањето на овој закон во услови на инфлација, растечка сиромаштија, ценовни шокови и непрекинато иселување на работно способно население, 10 илјади вработени ќе останат без работа во државава. сан/аа/

Фото: Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ 

Остани поврзан