• сабота, 23 ноември 2024

Здружението на пензионери за Кавадарци и Росоман е против регионален центар за третман на отпадна гума

Здружението на пензионери за Кавадарци и Росоман е против регионален центар за третман на отпадна гума

Кавадарци, 8 август 2024 (МИА) – Здружение на пензионери за Кавадарци и Росоман денеска донесе став против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума.

- Ние сме против отворањето на таков центар, за кој деновиве разбравме дека се има намера да се реализира, рече секретарот на извршен одбор на здружението, Тодор Стојановски.

Предлогот бил на примариус доктор Диме Алексовски, заменик-претседател на здружението и претседател на комисија за здравство и социјална политика при здружението.

- Во нашето здружение има околу 7.300 пензионери од Кавадарци и Росоман, загрижени сме за здравјето на луѓето, за животната средина, подвлече Алексовски.

МИА ги фотографираше пред местото каде што се собираат потписи против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума, на градскиот плоштад во Кавадарци.

- Всушност, собирањето на потписи е против нова Г-1 индустрија во општина Кавадарци, рекоа незадоволните кавадарчани, кои на завчерашната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина, во голем број, порачаа дека не сакаат регионален центар за собирање и третман на отпадна гума. Тие, како што истакнаа, се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот.

Јавната расправа беше за животна средина во врска со Г-1 зона.

– Инвеститорот ДССУООТУ „ЕКОВАТИВ ОИЛ“ ДООЕЛ од Скопје ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, информираа претставниците на Министерството, кои соопштија дека Општина Кавадарци дала позитивно мислење.

Претставниците што учествувале во изработката на студијата, рекоа дека со ова се решава голем проблем со отпадна гума во државата, станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија, дека Кавадарци бил избран град бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба.

Советникот во Совет на Општина Кавадарци Од СДСМ, Вуко Мелов кој е и координатор на советничка листа, рече дека стравот кај населението е оправдан поради фактот што секојдневно се зголемува бројот на лицата со канцер во регионот.

- Покрај досегашната загадувачка индустрија не ни е потребен уште еден објект во Г-1 зона, нагласи Мелов.

Поради големо незадоволство, јавната расправа завчера беше прекината. Претставниците на Министерството рекоа дека дополнително ќе се утврди како понатаму ќе се постапува. свд/ир

Фото: МИА

Остани поврзан