• недела, 24 ноември 2024

Здружението на актерите на Холивуд гласаше за прекин на штрајкот

Здружението на актерите на Холивуд гласаше за прекин на штрајкот

Лос Анџелес, 11 ноември 2023 (МИА) - Здружението на холивудските актери изгласа одлука за прекин на штрајкот. Членовите на одборот на еснафот го одобрија договорот со филмските студија.

Извршниот директор и главен преговарач на здружението на актери на екранот Данкан Кребтри-Ајрланд соопшти дека договорот има 86 отсто одобрение. Според него, договорот со студијата ја задржува можноста за работа за актери кои не се ѕвезди.

Претседателот на Здружението на актерите на екранот, Фран Дрешер, коментираше дека студијата верувале дека актерите ќе се откажат од штрајкот и затоа чекале повеќе од два месеци пред да започнат преговори за спогодување.

Се уште не е јасно кои членови на одборот гласале против договорот со студијата.

Меѓу членовите на одборот се актери како Били Портер, Џенифер Билс, Шон Остин, Шерон Стоун.

На актерите не им треба ратификуван договор од студиото за да започнат со работа, „всушност некои веќе работат“, рече Кребтри-Ајрланд.

Според Фран Дрешер, најважна работа во договорот е договорот за употреба на вештачка интелигенција. „Ако не го постигнавме тоа, тогаш каква заштита им нудиме на нашите членови?

Повеќе детали за детали од договорот меѓу двете страни ќе бидат претставени следната недела. Познато е дека употребата на дигитални реплики (т.е. дигитални копии) на актерите ќе бара согласност од актерите, вклучувајќи ги и актерите во позадина. Согласноста ќе важи само за еден ангажман. За секој нов проект компаниите ќе мора одново да преговараат со актерот. Ако вештачката интелигенција се користи за создавање синтетички лик - на пример, комбинирање на очите на Дензел Вашингтон и косата на Маргот Роби - мора да се добие согласност од секој актер, а Здружението на актерите на екранот мора да може да преговара за платата за секој од нив.

Договорот меѓу актерите и студијата вклучува создавање на нов фонд за плаќање на уметниците за прегледи на стриминг услугите, покрај традиционалното плаќање за прикажување филмови или серии. Тоа прашање ги закочи преговорите повеќе од една недела минатиот месец пред студијата да се вратат на преговарачка маса.

Ќе се зголеми и платата на актерите кои треба да се преселат за да учествуваат во снимање на серија. Интимните сцени ќе се снимаат само со ангажирање на специјален координатор од студијата. Досега тоа не беше задолжително, иако постоеше таква пракса.

Танчерите кои пеат и пејачите кои танцуваат во продукција ќе бидат компензирани и за нивните вештини. Досега продукциите плаќаа по шемата „два за еден“.

Договорот, исто така, вклучува поголема заштита и финансирање за самоснимање со цел аудиција за некоја улога. ссм/

фото: архива

 

 

Остани поврзан