• среда, 25 декември 2024

Здружението ,,Меден Даб" го прогласи 18 октомври за Ден на малешевскиот мед

Здружението ,,Меден Даб

Берово, 17 октомври 2024 (МИА) - Здружението на пчелари од Малешевијата ,,Меден Даб" од Берово донесе одлука 18 октомври да се прогласи за Ден на малешевскиот мед. Одлуката е донесена на иницијатива од членовите на Управниот одбор, а по тој повод во денешното соопштение до јавноста беше истакнато дека Малешевијата е регион во кој пчеларството има долга традиција, а медот е со особено добар квалитет и различен од останатите медови. 

-Медот на пчеларите од регионот постојано се рангира на високи позиции со претежно највисок број на бодови на различни натпревари, во и надвор од државата. Тоа е една од причините поради која покренавме  иницијатива да одбележиме ден на малешевскиот мед кој секоја година ќе се одбележува на различни начини. Друга причина е што иако сме медена земја медот е многу малку застапен во нашите домаќинства, истакнаа од ЗПМ ,,Меден Даб".

Целта на донесувањето на оваа одлука, како што е додава во нивното соопштение, е преку презентација колку е медот хранлив и добар за здравјето, да се поттикнат жителите да консумираат повеќе мед.

-Овој настан го нарековме „Меден појадок“  бидејќи медот е намирница која често се користела како појадок а денес е заменета со разни помалку здрави намирници, велат од здружението „Меден Даб“.

Целта  на овој настан е децата да го вкусат медот кој се произведува во нашиот регион и да научат дека Малешевијата е богата со здрава и квалитетна храна.  Исто така да ги запознаеме со важноста на пчелите за биодиверзитетот и можноста за развој на економијата на локалната заедница, додадоа од ,,Меден Даб".

Пчеларството, според пчеларите од Малешевијата, е интересна земјоделска гранка кој нуди многу можности за добар приход. вс/дма/

 

Фото: Здружение ,,Меден Даб"

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан