• среда, 25 декември 2024

Здружението „Заедно посилни“ донираше лекови и медицинска опрема за Инфективната клиника

Здружението „Заедно посилни“ донираше лекови и медицинска опрема за Инфективната клиника

Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ - Скопје на Клиниката за инфективни болести и предаде донација во биомедицинска опрема, која, како што велат, ќе и помогне во понатамошното справување со КОВИД-19 на оваа здравствена установа.

Донацијата, како што информира Задружението, потекнува од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а била овозможена низ соработката на Здружението „Заедно посилни“ од Скопје и Меѓународната добротворна фондација „Алијанса за jавно здравје“ од Украина, во рамки на регионалниот проект „Одржливост на услугите за ХИВ за клучните популации во Источна Европа и Централна Азија“.

Како дел од оваа иницијатива Клиниката доби инјекции еноксапарин од 40 мг – 4.561 единица, 2.000 назални канули за кислород, 140 маски за неинвазивна вентилација со позитивен притисок, 100 пулс-оксиметри и 20.000 медицински ракавици за еднократна употреба. Вкупната вредност на донираната опрема изнесува 85.760 американски долари.

- Исклучително важна е соработката со различни чинители во општеството посебно во ситуации како онаа во која се наоѓаше нашата Клиника во текот на кризата со КОВИД-19. Изразуваме огромна благодарност до Здружението „Заедно посолни“ за иницијативата и логистичката поддршка околу обезбедувањето на оваа донација, до донаторот Глобален фонд за СИДА, туберкулоза и маларија и организација Алијанса за јавно здравје од Украина. Станува збор за лекови и потрошен материјал што Клиниката го користи во огромни количини во своето оперативно работење и затоа е од огромна важност, изјави доц. д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, организациска директорка на Клиниката за инфективни болести.

Со пристигнатата биомедицинска опрема ќе се зајакне капацитетот на Клиниката за справување со вирусот на КОВИД-19, особено во грижата за пациентите со потешки форма на заболувањето.

- Граѓанскиот сектор и здруженијата на пациенти имаат важна улога во справувањето со здравствени прашања, вклучувајќи и кризни состојби. Таква беше нашата улога и во текот на КОВИД-19 – како преку услугите и поддршката што ги даваме на нашите целни групи, така и преку искористување на своите капацитети за да се мобилизира дополнителна меѓународна помош за земјата, изјави Андреј Сених, извршен директор на Здружението „Заедно посилни“ - Скопје. мд/сст/

Остани поврзан