• четврток, 26 декември 2024

Здрави разговори за младешката љубов

Здрави разговори за младешката љубов

Њу Делхи, 31 јануари 2024 (МИА) - Зборувањето со родителите за љубов и романтичните врски, за многу тинејџери е вистински „ужас“. Но, не мора да биде така. Да се ​биде во врска во младоста е важно за развојот на децата, а родителите може со правилно насочен разговор да го зајакнат односот со младите, давајќи им ги вистинските совети, но сепак, овој разговор не е секогаш лесен, ниту за родителите, ни за тинејџерите. Има повеќе начини на коишто може да се зборува за тоа, пишува „Тајмс оф Индија“ (The ​​Times of India).

Детето треба да може да се отвори пред родителите

Почнувањето разговори за љубов - особено ако тоа е прв таков разговор, бара безбеден и неосудувачки простор. Покажете ѝ на младата личност дека имате намера да сослушате, да разберете и да дадете совет. Стремежот е кон средина каде детето нема да се плаши од осудување и каде што ќе биде склоно да ги сподели своите искуства и емоции.

Без претпоставки!

Делотворен пристап за градење доверба и разбирање, е и тоа - да се користи неутрален јазик. Дозволете му на тинејџерот самиот да ги дефинира сопствените искуства, наместо како родител прв да спомнете нешто за неговите или нејзините склоности. Според стручњаците, овој однос поттикнува искрен разговор, што му олеснува на детето да ги изрази своите чувства без да размислува за „судот“ притоа.

Нема шок од она што возрасниот не го очекува!

Кога младата личност ќе каже нешто што може да изгледа изненадувачко или збунувачко за родителот, од клучно значење е - возрасниот да остане смирен и со почит во натамошниот разговор. Односот со сочувство и разбирање го уверува детето дека неговите т.е. нејзините чувства се прифатени. Ова не само што ќе ја зајакне врската меѓу родителите и детето, туку може да го направи и доверлива личност на којашто во иднина возрасниот ќе му се обрати за помош нему или нејзе, а не на друг.

Има разлика меѓу љубов и занес

Родителот треба да му помогне на тинејџерот да ја разбере разликата меѓу љубовта и занесот. Во таа смисла, треба да се нагласи важноста да не се донесуваат избрзани заклучоци што можеби не би биле точни. Треба да се укаже дека љубовта се гради полека и треба да се развива со личноста која им се допаѓа. Ова води кон поголема зрелост.

Изведување на вистинскиот пат

Младата личност треба да научи како да препознава здрави и нездрави врски. Дискусијата се насочува кон клучните поими - почит, искреност, комуникација, граници, поддршка и согласност. Споделете ги, како родител, сопствените искуства и лекциите. Важно е да се побара помош ако младиот човек се соочува со предизвици или злоупотреба во врската и односот во неа.

Со пренесување на ова знаење, младата личност зрее и зајакнува, па тоа им помага да носи подобри одлуки и да гради односи засновани на меѓусебно почитување и разбирање.

Без премногу задевање!

Како возрасен и родител, задевањето честопати изгледа како шега. Но, тинејџерот можеби понекогаш поинаку го доживува сѐ тоа. Прекумерното задевање може да има несакани последици, т.е. да ја наруши довербата и самоувереноста на младата личност. Тинејџерите се особено чувствителни во таа своја фаза од животот и може да го толкуваат задевањето како осудување, зајадливост или потсмев.  си/ссм/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан