• сабота, 23 ноември 2024

Здравата исхрана и физичката активност важни при заштита од бубрежни заболувања

Здравата исхрана и физичката активност важни при заштита од бубрежни заболувања

Скопје, 12 ноември 2023 (МИА) - Хроничното бубрежно заболување (ХББ) зафаќа осум до 16 проценти од светската популација. Кај нас изминатата година биле регистрирани вкупно 595 пациенти, од кои 332 мажи и 263 жени. Ова заболување освен што може да биде наследно, во голема мера зависи и од животниот стил на човекот.

Северна Македонија се соочува со недостиг на нефролози, потребно е унапредување на пред дијализното следење на пациентите, а недостига и регистар за хронично бубрежна исуфициенција во поран стадиум. Ова се дел од проблемите со кои се соочува медицинскиот кадар, кој се справува со ова заболување, за кое МИА разговараше со д-р Гоце Спасовски, претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи.

Тој вели дека со поголем капацитет во пред дијализното следење може да се одложи прогресијата на болеста и да се подобри состојбата на пациентите доколку треба да започнат со дијализа и второ со зголемување на капацитетите за васкуларен пристап и поставување соодветен васкуларен пристап пациентите ќе имаат подобар квалитет на живот и помалку хоспитализации. 

Спасовски посочи дека најдобрите начини за заштита од ова заболување се здрава исхрана и физички активности.

-Иако се со висока цена, порачувам да се јаде повеќе овошје и зеленчук со цел да се избегне тешка форма на бубрежи заболувања, избегнувањето на стресот, исто така свесен сум дека е мисловна именка за некои луѓе кои во борба за опстанок работат на повеќе работни места во државава, но, барем да се избегнат цигарите и повеќе да се спортува, порачува д-р Спасовски.

Тој нагласува дека заштитата од бубрежни заболувања подразбира избегнување на црвено месо, цигари и шеќери.

-Она што постојано го кажувам е дека многу е важен хигиенско диететскиот режим, да не бидат луѓето обезни, да не користат цигари, да спортуваат секој ден, да не јадат многу црвено месо, шеќери, туку повеќе овошје и зеленчук што за среќа во Македонија го имаме во изобилие, иако цената во последно време е дискутабилна, но ние секако имаме квалитетно овошје и зеленчук, така да ако предоминира тоа заедно со млеко и млечни производи мислам дека тоа би било добро понатаму за здравјето кај луѓето, вели Спасовски.

Додава дека во превенцијата и раното откривање клучна е и улогата на матичните лекари.

-И општите лекари би требало да имаат одредени напатствија кои ние сме ги дале како упатство во кое стои дека е потребно секогаш кога матичните лекари ќе добијат ризичен пациент да можат да ги проверат нивните првични кондиции во смисла на биохемиска лабораторија, крвен притисок, дебелината на пациентот и да го упатат кај нас, кога доаѓа во стадиум три, не порано, затоа што дотогаш тој пациент се уште ќе има резерва за да можеме специфично, невролошки да го третираме и да се надеваме дека ако не слуша нас докторите и ги почитува нашите совети дека би требало да не дојде до потреба од дијализа и трансплантација, појаснува доктор Спасовски.

Дека исхраната е многу важна за заштита од бубрежните заболувања потврдува и д-р Питер Стенвинкел, професор, раководител на Одделот за ренална медицина и Одделот за клиничка наука, интервенција и технологија при Универзитетската болница Каролинска.

Тој во разговор за МИА вели дека нашата држава се карактеризира со квалитетен зеленчук и овошје и дека тоа треба да се искористи.

-Мислам дека храната е навистина важна, а вие имате поздрава храна дури и од Шведска, дали знаете дека за време на животот ако живееме до 75 години ние ќе изедеме количина на храна еднаква на 35 слонови и тоа е навистина голема количина која ја јадеме и оттука секако дека квалитетот на храна, која ја јадеме има импакт на нашето здравје. Исхраната во последните 10 до 15 години се промени поради се поголема употреба на ултра-обработена храна и ние се повеќе јадеме црвено месо и ова има имапкт на нашето здравје, вели тој.

Додава дека е свесен оти ултра-обработената храна е подостапна од свежата, но посочува дека мора да ги промениме навиките за наше добро.

Недостигаат нефролози, здравствениот систем во државава далеку од оној на развиените земји

Северна Македонија се соочува со недостиг на нефролози, здравствениот систем генерално е далеку од оној во развиените земји, а и подолг временски период не била ажурирана листата на позитивни лекови, каде сега има одредени поместувања. 

Професор д-р Спасовски во разговор за МИА потенцира дека е потребно зголемувањето на бројот на нефролозите, но и истакна дека нашиот здравствен систем е далеку од оние во развиените земји, како што е на пример системот во Шведска.

-Ние не сме на некое завидно ниво по број на нефролози на милион жители. Специфичните нефролошките амбуланти, во кои ние би требало да ги земаме пациенти во многу рана фаза, се оптоварени, при што поради бројноста на пациентите и малиот број нефролози, често пати не можеме да дојдеме до оние лица кои имаат навистина брза прогресија до хронично заболување на бубрези, истакна тој и доддаде дека во во моментов има повеќе специјализанти, кои ќе бидат добредојдени во натамошното работење во оваа сфера.

Забележа и дека листата на позитивни лекови не била ажуирана долг временски период, но оти сега има промени и кочено на пазарот излегле лекови, кои покажуваат дека имаат протективна улога во развојот на болеста. Спасовски истакна и дека системот на Шведска треба да ни биде пример за тоа што се треба да биде имплементирано во нашиот тука.

-Тие имаат многу поголем број центри, нефролошки амбуланти, повеќе нефролози на милион жители и секако дека имаат ресурси и за наука, при што согледуваат што е важно и имаат систем на спроведување на тоа што е важно за секоја одредена група на пациенти, која оди хиерархски од горе, па надолу, значи еден вертикален начин на пренесување на информации и во глобала не можеме да кажеме дека менталитетот на еден шведски пациент е ист со нашите тука во Македонија, истакнува Спасовски.

Од друга страна тој посочува дека е неблагодарно да се споредуваме со здравствената грижа, која им се пружа на шведските граѓани, кога кај нас животниот стандард е далеку полош и истиот многу лошо се одразува врз здравствената состојба на населението.

-Ние не можеме да се правиме Швеѓани, кога кај нас луѓето понекогаш се толку очајни и на граница на преживување, мораат да работат повеќе работи, се соочуват со премногу стрес, меѓутоа она што можат да го направат е да не пушат цигари, да внимаваат на тежината, да спортуваат, да користат велосипед, но од друга страна потребно е и да се има време за сето тоа, оценува тој.

Спасовски нагласува дека во земјава има совесни граѓани, кои се грижат за сопственото здравје и редовно доаѓаат на прегледи, но додава дека има и хипохондрици, кои, како што вели, неретко го оптоваруваат системот.

Потребно е унапредување на пред дијализното следење на пациентите

Д-р Фернандо Макарио, главен медицински директор во Дијаверум во разговор за МИА посочува дека има два клучни критични аспекти за подобрување на грижата за бубрезите во Северна Македонија во овој момент.

Тој вели дека со поголем капацитет во пред дијализното следење може да се одложи прогресијата на болеста и да се подобри состојбата на пациентите доколку треба да започнат со дијализа и второ со зголемување на капацитетите за васкуларен пристап и поставување соодветен васкуларен пристап пациентите ќе имаат подобар квалитет на живот и помалку хоспитализации. 

-Понекогаш пациентите почнуваат со дијализа во не многу добра состојба, поради фактот што недостига пред дијализата, пациентите доаѓаат на дијализа без да знаат дека имаат бубрежно заболување, вели Макарио.

Посочи на студија која потврдила дека пред дијализното следење е клучно.

-Направивме студија во Романија каде што ги проучувавме пациентите што ги следевме со пред дијализа, со структурирана програма за пред дијализа и откривме дека пациентите кои го имаат поминато овој процес на пред дијализно следење, подолго преживуваат,  ја намалуваат хоспитализацијата дури и пет години по започнувањето на дијализата. Тоа е клучна точка. Повеќето пациенти овде во вашата земја започнуваат дијализа дури во итни случаи, појасни тој.

Според него за извршување на хемодијализа на пациентите е потребен многу добар васкуларен пристап.

-Тоа треба да се направи пред да започнат со дијализа. Кога го немаат соодветниот васкуларен пристап, почнуваат со дијализа, се соочуваат со компликации и тоа има влијание и на преживувањето и на благосостојбата на пациентите. Значи, друга точка на која треба одредено подобрување е управувањето со васкуларната проценка во Северна Македонија, појасни доктор Макарио.

Сепак, тој вели дека здравствениот систем во нашата држава има и позитивни страни.

-Сепак има неколку позитивни страни. Тоа што го правиме овде во Северна Македонија досега има многу висок квалитет. Ние сме во 24 различни земји како што веројатно знаете, а Северна Македонија е една од нашите врвни земји која врши многу квалитетен третман за хронични бубрежни пациенти на дијализа, подвлече тој.

Од друга страна доктор Спасовски вели дека во однос на земјите од регионот Северна Македонија бележи одреден прогрес, особено во органодарителството.

-Не заостануваме во однос на другите земји во регионот, напротив, подобри сме во трансплатации, воедно имам информации дека можеме да станеме и регионален центар за Албанија затоа што тие имаат една грчка болница повремено доаѓаат да се оперираат турски државјани, но за сето тоа треба да се создадат прво услови. Со овој број пациенти со успешни трансплантации сме подобри дури и од Босна, па и Бугарија, во однос на дијализата користиме се што можеме и од нови технологии, на клиниките имаме аферезни техники за одредени заболувања кои, исто така регуларно ги користиме, посочи докторот Спасовски.

Но, и покрај забележаниот напредок во делот на успешните трансплантации, сепак недостига регистар за хронично бубрежна исуфициенција во поран стадиум.

-Секогаш најскапо е да се третира, превенцијата е подобра, а нам ни треба квалитетен регистар за хронично бубрежна исуфициенција во некој поран стадиум. Со тоа би се фокусирале на тие што можеме да ги спасиме, затоа што ние добиваме и пациенти кои се со во хронично бубрежно заболување и кои се директно за дијализа, ама тоа зависи и од свеста за редовни прегледи кај матичните, истакнува докторот.

Симона Србиноска

Фото: МИА/МИА архива

Остани поврзан