• среда, 13 ноември 2024

Здравата исхрана е делотворен начин за одржување здраво срце

Здравата исхрана е делотворен начин за одржување здраво срце

Вашингтон, 14 септември 2023 (МИА) - Постојат повеќе начини за одржување на здравјето на срцето, како што се физичката активност и управувањето со стресот. Според кардиологот Елизабет Клодас од Американскиот колеџ за кардиологија во Вашингтон, храната игра интегрална улога во многу фактори на опасност од срцеви заболувања, така што здравата исхрана е делотворен начин за одржување здраво срце и спречување на срцеви заболувања.

Во таа смисла, први на оваа листа се омега-3 масните киселини. Некои од најдобрите примери на храна со оваа состојка се ориз, црвена леќа, спанаќ, темносин грав, тиква, семе од чија, ореви, див лосос, сардина, риба харинга итн.

- Омега-3 масните киселини се антиинфламаторни, помагаат малку да се разреди крвта, со што се спречува згрутчување, во намалување на крвниот притисок и зголемување на добриот холестерол додека се намалуваат триглицеридите, објаснува д-р Клодас.

Натаму, важно е и справувањето со хроничното воспаление. Оваа појава е поврзана со бројни здравствени проблеми, а истражувањата покажуваат дека неговото намалување може да помогне во спречување срцеви заболувања и мозочен удар. Додавањето храна полна со антиоксиданси во исхраната е полезно оружје против хроничните воспаленија.

- Антиоксидансите се корисни против слободните радикали во нашето тело, помагаат во забавување на стареењето, го намалуваат воспалението и придонесуваат да се неутрализираат сите циркулирачки штетни материи. Некои примери на најдобрата храна богата со антиоксиданси се доматите, портокалите, дивите боровинки, темното чоколадо и зелениот чај, вели докторката.

Влакната во зрнестите намирници се клучен аспект на здравата, добро обмислена исхрана, но многумина не добиваат доволно од нив. Влакната помагаат за подолга ситост по оброкот и помагаат во одржувањето здрава тежина.

- Влакната го поддржуваат здравиот цревен микробиом и го одржуваат нивото на холестерол ниско со тоа што спречуваат тој да се апсорбира во дигестивниот тракт, додава Клодас.

Жените треба да се стремат кон 25 грама влакна дневно, а мажите - околу 38 грама, според Академијата за исхрана и диететика во САД. Во таа смисла се препорачуваат цели овошја и зеленчук, пред сѐ. Но, некои од најпрепорачливите намирници богати со растителни влакна, се и грашок, зеље, семки од калинка, ленено семе, суви смокви, конзервирана тиква, банани, артичока, овес, булгур и јачмен.

Натаму, растителните стероли како лиснатото зеленило се природни растителни компоненти коишто го спречуваат холестеролот да се впие во дигестивен систем, објаснува д-р Клодас. Според Клиниката на Кливленд, јадењето растителна храна со фитостероли е безбеден, полезен и делотворен начин на намалување на холестеролот и спречување здравствени проблеми како што се мозочен и срцев удар. Покрај тоа, тие може да помогнат во намалување на оопасноста од дијабетес, рак и дебелина.

Целите житарки, јаткастите плодови, зеленчукот, овошјето, млекото и сирењето збогатени со фитостероли се одлични извори на оваа благотворна состојка. Фитостероли може да се внесат и во облик на додатоци во исхраната.  си/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан