• четврток, 26 декември 2024

Зголемен интензитетот на активности на политичките партии и независните кандидати, но и на ДИК за локалните избори

Зголемен интензитетот на активности на политичките партии и независните кандидати, но и на ДИК за локалните избори
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Крајот на август го зголеми интензитетот на активностите на политичките партии и независните кандидати, но и на Државната изборна комисија (ДИК) за локалните избори на 17 октомври. Синоќа на полноќ заврши собирањето потписи за независни кандидатури. Денеска треба да се знае колкумина собрале потписи и ќе се подготвуваат да поднесат кандидатури. Во вчерашниот извештај на ДИК беше наведено дека до вчера 21 независен кандидат за градоначалник ги собрале потребните потписи, како и 42 групи избирачи за советнички листи. Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија потребните потписи, продолжуваат да ги собираат 15 кандидати за градоначалници и 26 групи избирачи за кадидатските листи за членови на оштинските совети. Истовремено до 9 септември трае рокот за собирање потписи за проверка во Избирачкиот список. До 29 август вкупно 8.791 лице се провериле во Избирачкиот список. – Заклучно  29.08.2021 до 21:00 часот  вкупно 8791 лица се провериле во Избирачкиот список, поднесени се вкупно 18 барања за запишување во Избирачкиот список, 15  барања за бришење на податоците од избирачкиот список и девет барања за измена на податоците во Избирачкиот список, се вели во соопштението од ДИК. Во Државната изборна комисија, на е-маил адресата upisis@sec.mk, исто така, се поднесени вкупно 25П барања. Во меѓувреме партиите продолжуваат да објавуваат имиња на нивните кандидати за градоначалници.  ВМРО-ДПМНЕ извести за одлуките на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кои се подржаа десет кандидатури за градоначалници за следните локални избори. Левица исто така најави дека како партија на претстојните избори ќе му дадат поддршка на независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Петар Георгиевски Камиказа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во телевизиско интервју рече дека ВМРО-ДПМНЕ како партија покажува дека е реформирана партија, која нуди многу нови кадри за локалните избори во октомври, а владејачката коалиција е нервозна и се соочува со раскол и проблеми во изборот на кадри за кандидати за градоначалници. -ВМРО-ДПМНЕ покажува еден широк капацитет на силно реформирана партија, реформскиот процес завршува веднаш по овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ е партија која обединува и партија која широко го зафаќа политичкиот амбиент во Република Македонија, а со објавената коалиција со Алтернатива и Алијанса продолжуваме да се окрупнуваме, посочи Мицкоски во интервју за телевизија Сител. Според Мицкоски, СДСМ доживува раскол изминатиов период по кој се уште не можат да ги дооформат листите за кандидати за градоначалници. За нападите на кандидатката за Град Скопје, која ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, Мицкоски рече се резултат на стравот од пораз. -Нападите врз Данела Арсовска од страна на нашиот политички противник за градот Скопје е резултат на нервозата и стравот од поразот кој ќе следува за СДСМ на 17 октомври, вели Мицкоски, најавувајќи дека партијата ќе води исклучително позитивна кампања. Жали, како што рече, дека политички противник и нивниот кандидат за градоначалник на Град Скопје има една негативна кампања, „нешто што не доликува на луѓе кои претендираат да го водат Скопје иако тоа го правеа неуспешно изминатите четири години“. -Да водиме една позитивна кампања, ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања, да им понудиме не само на скопјани туку на сите граѓани во Македонија програма која ќе можат да оценуваат проекти, стратегија и визија за развој на општините. Но за жал почетокот кај нивниот кандидат за градоначалник не ветува таква кампања. Тоа е нивен начин, но јас можам да им порачам да бидат малку достоинствени бидејќи поразот на 17 октомври ќе се случи, барем да зачуваат малку достоинство, потенцираше Мицкоски. Претседателот на Левица Димитар Апасиев на прес-конференција освен поддршката за независниот кандидат Петар Георгиевски Камиказа, рече дека неговата партија ќе учествува на локалните избори со максимум десет кандидати за градоначалници и четириесеттина советнички листи. Во Град Скопје, советничката листа ќе ја предводи Хактан Реџеп Исмаил. Кандидатот за градоначалник на Град Скопје на СДСМ и актуелен градоначалник Петре Шилегов изјави дека очекува сериозна поддршка од скопјани поради посветеноста и сработеното. – Правото на граѓаните да бидат бирани и да бираат е неприкосновено право. Не е мое да проценувам дали, кој, што и како ќе гласа. Тоа граѓаните сами можат да си го проценат. Очекувам сериозна поддршка од скопјани токму заради посветеноста во којашто изминативе четири години се работеше во Градот. Ова рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање. Шилегов нагласи дека се работело и во услови на пандемија со Ковид-19 и досега се реализирани повеќе проекти – четири нови булевари, еден мост е завршен, а втор започнат, се работи главната сообраќајна клучка на Момин Поток и најави дека денеска ја започнуваат на булевар „Словенија“. Одговарајќи на новинарско прашање за кандидатот за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, Шилегов изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ толку многу ги потценува скопјани. Посочи дека пред неговото доаѓање на функцијата градоначалник во Скопје имало дивеење и девијации кои, како што рече, биле креирани со со некомпетентното и нестручното раководење на Градот. -Всушност се свесни дека не можат да излезат пред скопјани со свој личен кандидат и пробуваат да ги потценат скопјани и да одиграат со т.н. независен кандидат. Не знам зошто кандидатот се срами да признае дека е од ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги потценуваат скопјани. Во секој случај, злоупотребата на т.н. независни кандидати во оваа кампања сериозно може да го девастира во општеството процесот на граѓанскиот активизам бидејќи за развој на општеството, за развој на демократијата несомнено е потребна голема активност на граѓаните преку НВО секторот, изјави Шилегов. ев/ац/    

Остани поврзан