• среда, 27 ноември 2024

Зголемен број случаи на врсничко и малолетничко насилство во Грција

Зголемен број случаи на врсничко и малолетничко насилство во Грција

Атина, 9 октомври 2024 (МИА) – Многу случаи на малолетничко насилство се објавуваат на социјалните мрежи, бидејќи токму тоа го сакаат, да постои фотографија или видео што ќе се објави како „подвиг“, како што сметаат децата, истакна портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду, говорејќи за зголеменото врсничко насилство во Грција и влијанието на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период во Грција се зголемени случаите на врсничкото и малолетничкото насилство, а според официјалните податоци од Министерството за заштита на граѓаните на од 30 септември до 6 октомври во рамките на активностите на полицијата за спречување и справување со малолетничката деликвенција и насилството меѓу малолетниците, на целата територија биле извршени проверки врз 6.283 лица, било констатирани 296 прекршоци, приведено 361 лице, а уапсени 189.

Последниот случај на врсничко насилство беше регистриран утрово во средно училиште на Пелопонез кога 13-годишен ученик физички нападнал негов соученик и се обидел да го фрли од првиот кат на зградата, нешто што било спречено од друг ученик, а сторителот бил уапсен.

Во интервјуто за државната телевизија ЕРТ Димоглиду рече дека инцидентот се случил на голем одмор, а жртвата ги информирала родителите, кои пријавиле во полиција.

-Треба и директорите на училиштата и наставниците да ја информираат полицијата и локалните полициски станици. Постои многу добра комуникација со командирите на полициските станици, директорите на училиштата да информираат во случај да видат дека има деликвентни деца и секако да ги информираат семејствата на овие деца и да се обидат да го решат ова прашање во училиштето со психолозите и социјалните работници, истакна портпаролката на грчката полиција. ср/рп/

Остани поврзан