• недела, 24 ноември 2024

Зголемен број интервенции на кочанските пожарникари во текот на 2020 година

Зголемен број интервенции на кочанските пожарникари во текот на 2020 година
Кочани, 18 јануари 2021 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на 2020 година имала 348 излегувања на терен за гаснење пожари и за технички интервенции, што претставува извесно зголемување во однос на претходната година. Околу 70 отсто од интервенциите биле на отворен простор, а останатите се за гаснење опожарени објекти и технички интервенции. -Покрај интервенциите за гаснење пожари на отворен простор, минатата година имавме дополнителен ангажман со дезинфекција на јавните површини и јавните институции, како и на колективните домувања. Со истата активност продолжуваме и оваа година и се надеваме дека ќе имаме помалку работа. Интервенциите беа на територијата на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, со оглед што согласно Законот за пожарникарство, наша обврска е да го покриваме целиот терен, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани. Преку донација од словенечката општина Крањ, ТППЕ од Кочани минатата година обезбеди противпожарното возило со скала, што ќе служи за интервенции на висококатници. Годинава ќе се набави нова зимска опрема за пожарникарите, како и други технички средства. Во Кочани се најавува и формирање на доброволно противпожарно друштво за што веќе постои иницијатива, но ќе се разгледаат законските можности за негово формирање. та/мд/

Остани поврзан