Зголемен бројот на пациенти кај матичните лекари од почетокот на грејната сезона, Куманово вчера меѓу најзагадените градови во земјава
- Зголемен е напливот на пациенти кај матичните лекари кои се жалат на здравствени тешкотии предизвикани од аерозагадувањето, соопштија денеска од Здружението на матични лекари Куманово. Претседателот на Здружението д-р Фатмир Асани вели дека последниве денови хронично болните пациенти и децата се жалат на доглотрјана сува кашлица.
Куманово, 19 ноември 2024 (МИА) - Зголемен е напливот на пациенти кај матичните лекари кои се жалат на здравствени тешкотии предизвикани од аерозагадувањето, соопштија денеска од Здружението на матични лекари Куманово.
Претседателот на Здружението д-р Фатмир Асани вели дека последниве денови хронично болните пациенти и децата се жалат на доглотрјана сува кашлица.
- Аерозагадувањето е светски проблем. Долготрајните последици допрва ќе ги почувствуваат сите. Најголем проблем ќе имаат хронично болните и децата кои имаат уште слаб имунитет доаѓаат со сува кашлица, која се провлекува месец дена, а немаат наод на белите дробови, но упорно кашлаат, изјави д-р Асани.
Тој вели дека овој проблем треба да се намали со повеќе мерки кои заеднички треба да ги преземат налдежните и на државно и на локално ниво.
- И граѓаните треба да придонесат, да се дисциплинираат, да не се возат постојано за ситни работи низ градот, кога има потреба да заминат пешки. Имаме стари коли над 40 години кои прават големо загадување, секојдневно гледаме чад, лошо согорување на различно огревно дрво, се затоплуваат и со прагови на пруги кои имаат различни материи, рече Асани.
Повозрасните и најмалите да не излегуваат во попладневните часови кога е евидентно аерозагадувањето. Оние кои можат да набават прочистувачи на воздух, граѓаните да ги следат мерењата за квалитетот на амбиенталниот воздух, препорачуваат лекарите.
Мерната станица во Куманово вчера покажа неколкукратно зголемување на концентрација на ПМ честичките. Аерозагадувањето најмногу се чуствува во периодот од 19 до 22 часот. Мерните станици на општината исто така покажаа надминување на граничните вредности на четири од шесте локации. ам/мд/
Фото: МИА