• среда, 18 декември 2024

Зголемен бројот на неажурни судови во третиот квартал од 2024 година

Зголемен бројот на неажурни судови во третиот квартал од 2024 година

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) – Се зголемува бројот на неажурни судови во државава, покажува Извештајот на Судски совет за работа на судовите во трет квартал од 2024 година. Според извештајот, како неажурни во третиот квартал се оценети Вишиот Управен суд, Управниот суд, Врховниот суд и сите апелациони судови, односно Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Штип, Апелациониот суд Гостивар и Апелациониот суд Скопје, како и повеќе основни судови, беше истакнато на денешната седница на Судски совет. 

Од Основните судови во Република Северна Македонија како неажурни се оценети, ОС Охрид, ОС Ресен, ОС Виница, ОС Делчево, ОС Струмица, ОС Свети Николе, ОС Граѓански Скопје, ОС Велес, ОС Гевгелија, ОС Кавадарци, ОС Крива Паланка, ОС Куманово, ОС Неготино, ОС Дебар и ОС Кичево.

Додека, како ажурни се оценети ОС Битола, ОС Крушево, ОС Прилеп и ОС Струга, ОС Кочани, ОС Штип, ОС Радовиш, ОС Гостивар, ОС Тетово и Основниот кривичен суд Скопје, а за Основниот суд Берово нема податоци.

Во третиот квартал, судовите примиле 126,188 нови предмети, со вкупно 272,343 предмети во работа. Од нив, решени се 125,965 предмети, додека нерешени остануваат 146,378 предмети. Заостатокот на предмети е зголемен за 165 предмети. 

Како што посочи потпретседателот на Судски совет, Ханиф Зендели, треба да се има предвид дека во третиот квартал поголем број на судии користат годишни одмори и како што рече, можеби и оттаму е намалениот број на решени предмети. Тој изрази надеж дека работите ќе се променат во четвртиот квартл.

На денешната седница на Судски совет беше утврден престанок на мандат на членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судиите, Лорета Ѓорѓиева и Мирсад Сурои поради истек на времето за кое се избрани.

Воедно, беше утврден престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија на судијата Љубомир Ѓорѓевиќ, судија на Основен суд Куманово и беа донесени одлуки за престанок и избор на повеќе судии поротници.

Судкиот совет денеска ги разгледа и усвои и предлог Програма за работа на Судскиот совет на Република Северна Македонија како и Извештајот за вонредно оценување на кандидати за избор на претседатели на Апелационен суд  Битола, Основен суд Гевгелија, Основен суд Кочани, Основен суд Струмица и Основен суд Кавадарци.

Во однос на извештаите за проверка на навременост на пријавите и комплетност на документите по објавени огласи за избор на претседатели на Апелационен суд Гостивар и Основен суд Кратово, беше констатирано дека се комплетни и навремени и беа формирани комисии за оценување на работа на кандидати за претседатели на истоимените судови.

Денеска беше усвоен и годишниот план за вработување на Судскиот совет, а седницата беше затворена за точката формирање на комисии на известители по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд. ар/лв/


Фото: МИА архива, принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан