• сабота, 23 ноември 2024

Зголемени површините со трска долж Охридското крајбрежје

Зголемени површините со трска долж Охридското крајбрежје
Охрид, 1 ноември 2022 (МИА) - Површините со трска долж охридското крајбрежје на територија на Општина Охрид се зголемени, покажуваат теренските истражувања на здружението за заштита и одржлив развој на животната средина – регионален зелен центар Охрид во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“. Координаторот на проектот Иван Малезанов информира дека после повеќе од 10 години се прави ново документирање на појасите со трска, што за нив било голем предизвик. - Во споредба со постарата документација која ни беше достапна, забележавме зголемување на површините со трска од селото Подмоље до Свети Наум Охридски. Особено би сакал да го издвојам подрачјето од Подмоље до Охрид, каде проширувањето на трската е навистина изразено и во езерото и на брегот, истакна Малезанов. DCIM100MEDIADJI_0076.JPG Тоа, како што посочува, е првиот чекор кон креирање извештај за моменталната состојба на појасите на трска и предлог - иницијатива за промена на степенот на законска заштита, кои се основа за понатамошна разработка на план за управување со ваков тип на природно наследство. Теренското истражување било реализирано во периодот од 15 септември до 17 октомври оваа година. Биле направени комбинирани теренски истражувања, од вода со пловен објект и од копно со теренско возило, како и копнени теренски истражувања. - Се изврши лоцирање и евиденција на сите појаси на трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од селото Подмоље до Свети Наум, се водеа дневни забелешки за моменталната состојба на секој од појасите (мерење на површината, дали појасите се проширени или намалени и сл.), се прибираше фото и видео материјал се со цел спроведување на идните предвидени активности и изработка на предвидената документација како финален продукт од овој проект, појасни Малезанов. сс/цр

Остани поврзан