• среда, 27 ноември 2024

Зголемена пополнетост во хотелите во кипарскиот град Ларнака поради ситуацијата на Блискиот Исток

Зголемена пополнетост во хотелите во кипарскиот град Ларнака поради ситуацијата на Блискиот Исток

Никозија, 8 октомври 2024 (МИА) – Во хотелите во градот Ларнака на Кипар во изминатите денови е зголемена побарувачката на слободни соби, несвојствено за овој период од годината, поради ситуацијата на Блискиот Исток, особено во Либан, пишува кипарскиот портал „Филелефтерос“, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери од Ларнака Мариос Поливиу за порталот вели дека има денови кога тешко се наоѓа соба, хотелите се со пополнети капацитети, а оние кои требале да затворат следниот месец, можно е да останат отворени доколку продолжи истата ситуација.

-Има голем побарувачка согласно летовите што доаѓаат од Либан. Главно се Либанци, но и државјани на трети земји. Некои од нив остануваат на Кипар одреден период, а некои го користат како попатна станица до нивните земји. Сепак, побарувачката е на високо ниво за конкретниот период. Има денови кога е тешко да се најде соба во Ларнака, но тоа секојдневно се менува. Односно, еден ден можеме да кажеме дека хотелите се полни, а другиот ден, затоа што масовно заминуваат за своите земји има слободни соби, објасни Поливиу за „Филелефтерос“.

Паралелно додаде дека исполнетоста на хотелите во Ларнака се зголеми и поради престојот на членови на странски делегации кои се на островот во случај да има потреба од масовна евакуација. ср/сд/

Остани поврзан