• четврток, 26 декември 2024

Збирката „Збунети компаси“ на Зоран Анчевски добитник на наградата „Браќа Миладиновци“

Збирката „Збунети компаси“ на Зоран Анчевски добитник на наградата „Браќа Миладиновци“
Струга, 10 август 2022 (МИА) - Збирката „Збунети компаси“ на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата за 2022 година. Од 39 пристигнати книги во потесен круг, како што соопшти националната установа „Струшки вечери на поезијата“ влегле „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади, „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски, „Политики на стравот“ од Славица Гаџова-Свидерска, „Чинук“ од Ристо Лазаров и „Капе времето“ од Виолета Танчева-Златева. За изборот на наградата „Браќа Миладиновци“ на 61. фестивалско издание одлучувала жири-комисијата во состав на Наташа Аврамовска, претседател и членовите Иван Додовски, Марија Ѓорѓиева-Димова и Габриела Стојаноска-Станоеска. - Поетската книга „Збунети компаси“ на Зоран Анчевски, во издание на „Или-Или“ е зрело и интимно, во извесна смисла и исповедно поетско, односно автопоетичко огласување на авторот. Лирскиот израз на Анчевски во оваа поетска книга се огласува од средиштето на длабоката вкотвеност во појавноста на светот што нѐ опкружува, среде нејзината мена, која е воедно и тежиште на јарболот на аксиолошката вертикала по која угоре заблазува и удолу, пред стрмоглавоста, зазира духот, стои во образложението на жири-комисијата. Зоран Анчевски (1954) е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист. По вторпат е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, откако во 2018 ја доби за стихозбирката „Небесна пантомима“. Има објавено девет поетски збирки, а добитник е на повеќе награди во земјава и странство, меѓу кои „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга „Патување низ скршени слики“ (1984), меѓународната награда „Џакомо Леопарди“ во Италија (2004). Објавил голем број есеи, критички осврти и студија од доменот на книжевната теорија „За традицијата“ (2007). Приредил и превел на англиски јазик, неколку антологиски избори македонска поезија и куса проза. За неговото преведувачко дело ја добил највисоката национална награда за превод „Григор Прличев“ (2001). Избори од неговата поезија се преведени и објавени на повеќе од дваесет јазици во странски списанија и антологии. Неговите избрани песни на македонски и англиски јазик се објавени во 2011 година, а СВП ја објави на англиски јазик и наградената книга „Небесна пантомима“ (Celestial Pantomime, 2019). Член е на Друштвото на писатели на Македонија, бил двапати секретар на македонскиот ПЕН центар и негов актуелен претседател, а раководел и со Управниот одбор на СВП (2002-2007). Живее и работи во Скопје.сс/бт/

Остани поврзан