• вторник, 24 декември 2024

За 24 часа пролонгирана конечната одлука за одговорот на Израел на нападот од Иран

За 24 часа пролонгирана конечната одлука за одговорот на Израел на нападот од Иран

Тел Авив, 14 април 2024 (МИА) - По повеќечасовниот состанок на израелскиот воен кабинет не е донесена конечна одлука за големината или времето на израелскиот одговор на синоќешниот ирански напад.

Според портпаролот на израелската армија одлуката ќе биде донесена во следните 24 часа.

- Ние внимателно ќе ги одмериме нашите следни чекори и во следните 24 часа ќе одлучиме каков ќе биде одговорот, истакна Даниел Хагари.

Тој наведе и дека одобрени се оперативни планови и за офанзива и за дефанзива.

- Ќе продолжиме да ја штитиме државата Израел и заедно со нашите партнери ќе продолжиме да градиме побезбедна и постабилна иднина за целиот Блиски Исток, посочи контрадмирал Хагари.

Меѓународната заедница го осуди нападот на Иран врз Израел, но упати и апел за воздржаност со цел да се избегне понатамошна ескалација на насилството во регионот.

- Иранскиот план не успеа. Само неколку проектили успеаја да навлезат во израелскиот воздушен простор и предизвикаа многу мала штета на инфраструктурата на авиобазата, истакна Хагири, додавајќи оти Иран лансирал околу 350 проектили и дронови, а сојузниците помогнале во соборувањето на 99 проценти од нив

Иран тврди дека нападот врз Израел е легитимен и оправдан чин на самоодбрана од израелските „агресии“. Техеран го обвинува Израел за нападот врз Конзулатот на Иран во Дамаск на 1 април при што загинаа 13 лица, меѓу кои седуммина високи членови на Иранската револуционерна гарда.

Шефот на иранската дипломатија Хосеин Амирабдолахиан тврди дека соседните земји биле информирани 72 часа пред одмаздничките напади врз Израел.

- Приближно 72 часа пред нашите операции ги информиравме нашите пријатели и соседи во регионот дека одговорот на Иран против Израел е сигурен, легитимен и неотповиклив, истакна Амирабдолахиан.

Тој додаде дека биле информирани и САД дека нападите врз Израел ќе бидат „ограничени“ и за самоодбрана.

За Хамас, Хезболах и Сирија нападот врз Израел е легитимно право на самоодбрана на Иран.

Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси изјави оти Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) „му одржа лекција“ на најголемиот непријател на земјата - Израел и ги предупреди израелските сојузници да не планираат контранапад.

- Ги советуваме поддржувачите на окупаторскиот режим да ја ценат оваа одговорна и пропорционална акција на Исламската Република Иран. Доколку ционистичкиот режим или неговите поддржувачи покажат непромислено однесување, ќе добијат порешителен и многу посилен одговор, посочи Раиси.

Додека за Иран е завршена одмазничката акција, се чека каков ќе биде одговорот на Израел, но јасно е дека Тел Авив нема поддршка за голема воена операција врз Иран.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави дека САД ќе продолжат да му помагаат на Израел да се одбрани, но оти не сакаат војна со Иран“.

- Не бараме ескалација на тензиите во регионот. Не бараме поширок конфликт, посочи Кирби.

Претходно американските медиуми објавија дека САД ќе се спротивстават на израелски контранапад и оти американскиот претседател Џо Бајден го разубедил Нетанјаху да не презеа итен напад врз иран.

„Аксиос“ тврди дека Бајден во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека САД се против израелски контранапад врз Иран.

Додека „Си-ен-ен“ и „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на високи американски претставници објавија дека Бајден му кажал на Нетанјаху дека САД нема да учествуваат во никаков израелски противнапад врз Иран.

Претходно, „Њујорк тајмс“ објави дека Бајден го одвратил Нетанјаху да одобри итен одмазднички напад против Иран. Според весникот, неколку членови на воениот кабинет на Израел биле за итен одговор, но поради што иранскиот напад не предизвикал сериозни штети, Нетанјаху бил разубеден од Бајден. ми/

Остани поврзан