• недела, 24 ноември 2024

За 15,3 отсто повеќе заболени од грип во споредба со претходната недела

За 15,3 отсто повеќе заболени од грип во споредба со претходната недела

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) - Во текот на втората недела од годинава, поточно од 8 до 14 јануари, во земјава се пријавени 1.182 случаи на заболени од грип или слични заболувања, што претставува зголемување за 15,3 проценти во споредба со претходната недела, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со втората недела од минатата сезона, е намален за 12,2 отсто, додека, во споредба со бројот за втората недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 13 сезони, зголемен е за 32,6 проценти.

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнале 49 материјали од кои детектирани се 26 позитивни случаи на Influenza, 22 А(H1)pdm09, еден Influenza А(H3) и 3 Influenza А - несубтипизиран. Регистрирани се пет пациенти со респираторен синцицијален вирус (RSV) и еден пациент со SARS-CoV-2.

Во однос на возраста, 639 лица се на возраст од 15-64 години, 205 деца на возраст од 5-14 години, 167 деца на возраст до 4 години и 171 лице на возраст над 65 години.

Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.

Најголем број од заболените се во Скопје - 186, Битола – 168, Дебар – 153, Тетово – 143, Гостивар - 123, а во останатите градови, бројот на пријавени е ≤100.

Во Свети Николе има висока активност на вирусот на грип, а во Дебар многу висока активност на вирусот.

Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 65 години од Гостивар, хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети, кардиоваскуларни и белодробни и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09.

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип или слични заболувања, изнесува 3.500, во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 13 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, се регистрира зголемување од 35,8 проценти. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан