• петок, 27 декември 2024

За 12 години постоење на „Систем 48“ решени над 13 илјади проблеми на струмичани

За 12 години постоење на „Систем 48“ решени над 13 илјади проблеми на струмичани

Струмица, 1 февруари 2024 (МИА) - Во дванаесетгодишното постоење на општинскиот сервис „Систем 48“ во Струмица се решени 13.033 проблеми на граѓаните од кои најголем дел се од областа на уличното осветлување и собирањето на смет.

Ова го соопшти заменик градоначалничка на Струмица Елена Маѓеровска-Паликарова на вчерашната тркалезна маса „Добри пристапи на локалната власт за градење на доверба на граѓаните“, што се одржа во Скопје во организација на Меѓународниот Републикански институт (ИРИ).

Според Маѓеровска-Паликарова со бројот на решените проблеми се потврдува дека „Систем 48“ е навистина вистински сервис којшто добро си ја врши работата, прифатен е од граѓаните и ја има нивната доверба.

Овој систем функционира така што граѓаните коишто имаат одреден проблем се јавуваат на бесплатниот телефонски број 0800 1 48 48 и на мобилниот телефонски број 076 48 48 48 или ја користат електронската апликација „Пријави проблем“ со наведување на адресата на којашто треба да се изврши интервенција. По добивањето на пријавата, четворицата оператори ја доставуваат до надлежните општински служби во зависност од природата на пријавениот проблем и во рок од 48 часа граѓаните добиваат одговор дали се решава проблемот или се поведува постапка за негово решавање, ако е потребно подолго време тој да се реши.

Преку „Систем 48“ се решаваат проблемите на граѓаните со уличното осветлување, општински инспекциски служби, собирање смет, водовод и канализација, улици, патишта и тротоари, урбана опрема, паркови и зеленило, кучиња скитници и сообраќајна сигнализација.

Лани преку овој општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми биле решени 750 проблеми од вкупно пријавените 814 од страна на граѓаните. Најголем број од пријавите доставени до „Систем 48“ биле од областа на уличното осветлување-582, собирање смет-78, водовод и канализација-68, паркови и зеленило-46, општински инспекциски служби-14 и 26 за улици, патишта и тротоари. рт/мд/

Фото: МИА архива и Општина Струмица

Остани поврзан