• недела, 24 ноември 2024

За создавање еколошки одржлив град потребен е безбеден и евтин јавен систем на транспорт, вели јапонскиот професор Вакаматсу за МИА

За создавање еколошки одржлив град потребен е безбеден и евтин јавен систем на транспорт, вели јапонскиот професор Вакаматсу за МИА
Скопје, 10 март 2021 (МИА) – Јапонски експерти од областа на аерозагадувањето ќе одржат предавање на Машинскиот факултет во Скопје, во насока на споделување искуства и отворање дебата за проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух во земјава. Професорите Шинџи Вакаматсу и Имура Хидефуми, како и Јамада Таизо, кој е постар советник во Јапонската агенција за меѓународна соработка – ЏАЈКА ќе го споделат своето знаење и искуство од Јапонија и светот во рамки на неколкучасовното предавање, кое ќе се одржи утре 11 март, во организација на амбасадата на Јапонија, здружението МАК-ЈАМС и Машинскиот факултет. Модератор на предавањето ќе биде професорот Ташко Ризов. За справување со загадувањето во главниот град Скопје, професорот Вакаматсу во изјава за МИА, вели дека искуствата од минатото и заедничка истражувачка работа со странство и Јапонија ќе бидат особено корисни, при урбаното планирање на градот. На прашање од МИА, за справување со различните извори на аерозагадување во главниот град, професорот Вакаматсу вели дека е потребен различен пристап за стационарните извори на загадување (домови и индустрија) и за мобилните извори на загадување (сообраќај и подвижна опрема). - За стационарни извори на емисии, потребен е систем за регулирање на тоталното загадување. Кога количината на гориво што се користи во објектите стане голема, дозволеното ниво на емисија треба да биде построго. Особено важна е соработката меѓу властите и приватните компании, а неопходно е и воведување на технологии за филтрирање на оџаците, со што ќе се намали емисијата на штетни гасови. За мобилните извори на емисии, освен мерките против индивидуалните автомобили, подеднакво важни се и сообраќајните и логистички системи. За создавање на еколошки одржлив град, треба да се воведе безбеден и евтин јавен систем на транспорт, вели професорот Вакаматсу за МИА. Според Вакаматсу, метеоролошките фактори, како што се висината на инверзивниот слој и малата брзина на ветерот, имаат значајна улога во формирање на сериозно аерозагадување, особено во зимската сезона. - Подобрувањето на енергетската ефикасност е од суштинско значење не само за урбаното аерозагадување, туку и глобалните климатски промени, како и од економска гледна точка, вели Вакаматсу. Професорот Вакаматсу, исто така, предупредува на поврзаноста на климатските промени и аерозагадувањето, посочувајќи дека глобалното затоплување го забрзува формирањето на фотохемиски озон и ПМ 2,5 честички, додека од друга страна фотохемискиот озон и црниот јаглерод се супстанци на самото глобално затоплување. Шинџи Вакаматсу е професор емеритус и истражувач при Националниот институт за студии за животна средина при Универзитетот Ехиме. Автор е на повеќе од 50 значајни научни трудови од полето на животната средина. По добивање на докторат по инженерство на Универзитетот Хокаидо, Вакаматсу работи како научник-истражувач во Центарот за животна средина на префектурата Канагава, Факултетот за инженерство на Универзитетот Хокаидо, Лабораторијата за истражување на атмосферските науки и Факултетот Цукуба, пред да влезе како професор на Универзитетот Ехиме. На предавањето ќе се обрати и Имура Хидефуми. Тој е професор на Глобалниот институт за соработка за одржливи градови при Универзитетот Јокохама и професор емеритус на Универзитетот Нагоја. Тој е исто така, виш соработник на Институтот за глобални стратегии за животна средина. Професорот Хидефуми има широк спектар на експертиза, од домашна и меѓународна политика, технологии за животна средина, економија и информации во Јапонија, Кина и земјите од Источна Азија. Неговото истражување е насочено кон анализа на енергетски и материјален проток на човечки активности во градовите, проценка на животниот циклус на јавната инфраструктура и моделирање на човечка интеракција со животната средина. Таизо Јамада е постар советник за Управување и планирање на животната средина во Јапонската агенција за меѓународна соработка – ЏАЈКА. Тој своето образование го има започнато на Универзитетот Харвард Кенеди во Масачусетст во САД, а завршува на Универзитетот во Токио. Јамада работи на полето на животната средина од 1981 година, започнувајќи во Институт за планирање на животната средина во Токио. Пред да се приклучи на ЏАЈКА има работено како консултант за животна средина и урбан развој за УНДП во Мексико Сити и Светска банка во Вашингтон. аа/ац/

Остани поврзан