• четврток, 26 декември 2024

Костадиновски за МИА: Колективната одговорност и распуштањата ќе не втурнат во правен лавиринт

Костадиновски за МИА: Колективната одговорност и распуштањата ќе не втурнат во правен лавиринт

Скопје, 31 август 2024 (МИА) – Колективната одговорност може како лош преседан да не втурне во еден лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период, потенцира Дарко Костадиновски, претседателот на Уставниот суд во интервју за МИА одговарајќи на прашањето за најавите на власта за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. 

-Секогаш без исклучок индивидуалната одговорност доколку се утврди, по било каков основ, корупција, тргување со влијание, злоупотреба на службената положба и овластување, прекршување на законите итн, во рамките на кое било тело, убеден сум дека ќе има подобар ефект за зголемување на принципите на одговорност генерално, позитивно ќе влијае на довербата и правната држава отколку колективната одговорност која може како лош преседан да не втурне во еден лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период, потенцира Костадиновски. 

Тој вели дека нашето законодавство во огромна мера е усогласено со европското. 

-Сметам дека постојат и уставни, и законски можности и механизми за справување со лошите работи и во правосудството и во било која друга област, без приотоа да се отстапи од уставните рамки. И за тоа е потребна волја и одговорен пристап. Но, што сметам дека е уште позначајно од евентуална реформа која би се однесувала на нови уставни законски решенија, тоа е реформа на менталниот код, неопходна ни е реформа во менталитетот која ќе ги уважува уставната, правната, судската, политичката, интситуционалната култура правилно, и тоа во во секоја една област, истакнува Костадиновски.

Според него, предолго гледаме уставни, законски, подзаконски реформи, а состојбата е само полоша и полоша, што упатува на овој неспорен факт, на неопходноста од реформа на менталната свест која започнува од секој поедеинец посебно, секоја фела посебно, секоја институција посебно, и на сите заедно. 

-Јас веќе јавно го имам искажано мојот став. Ако ги повикувам и барам од сите власти да се придржуваат да своите надлежности, јас сум првиот кој мора да го прави истото. Нема дилема дека новата власт е дојдена со програма која добила легитимитет од граѓаните, и сосема е легитимно органите кои имаат уставно овластување и уставна надлежност да ги нормираат општествените односи или во веќе нормираните општествени односи, ако увидат слабости да пристапат кон измени или дополнувања на одредени уставни или законски решенија. Тоа е легитимно право и уставно овластување на тие органи. Она што за мене како претседател на Уставниот суд е битно, не е да ја ценам целисходноста на нивната намера, ниту пак сум овластен да давам предлози решенија кои би биле уставните решенија, тоа не е надлежност на Уставен суд, наша надлежност е тоа што ќе се нормира ако проценат дали во оваа област или во било која друга област ќе има потреба од измени и промени да биде во согласност со Уставот. Примарна работа на секој еден граѓанин, на секоја институција е да го почитува Уставот. Тоа важи за мене, тоа важи за Вас, за Владата, Собранието, за сите. Од исклучителна важност за правната држава е било какво законско решение да биде во согласност со Уставот. Јас и Судот сме надлежни да го чуваме Уставот, нагласува Костадиновски. 

Посочува дека не би сакал да се најдеме во состојба предлагачот и доносителот на измените на новините на оваа тема да биде поздравен од граѓаните кои ги легитимираат за тоа, а Уставниот суд доколку решенијата се уставно проблематични да биде перципиран како кочничар на реформите или промените.

- Едноставно е се надевам дека и владата и законодавецот не само на оваа тема  на било која друга ќе се држи до рамките на Уставот и неговите темелни вредности како поделбата на власта во конкретниот случај. Од друга страна нашиот Устав во член 58 ја утврдува стручноста и компетентноста како уставен принцип. Јасно е дека доколку огромен број наши сограѓани увидуваат и поддржуваат промени истите соодветно да се адресираат. Но, колективната одговорност на цели органи во една правна држава е исклучително проблематична, нагласува претседателот на Уставниот суд во интервју за МИА. дма/са/

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервјуто за МИА, кое ќе биде објавено утре, говори и за зголемувањето на платите на функционерите за 78% и дали е можно повторно да се интервенира, за подигнување на угледот на судството и на системот, за поголемата транспарентност на Судот со одржување на седниците во живо...

Фото: МИА

 

 

 

 

 

Остани поврзан