• недела, 24 ноември 2024

За речиси една година продолжен пристапот до репо-линијата од 400 милиони евра од ЕЦБ

За речиси една година продолжен пристапот до репо-линијата од 400 милиони евра од ЕЦБ

Скопје, 29 март 2022 (МИА)Дополнителната девизна ликвидност од 400 милиони евра ќе ѝ биде на располагање на Народната банка преку репо-линијата на Европската централна банка (ЕЦБ) уште речиси една година.

- ЕЦБ донесе одлука со која се продолжува можноста за Народната банка за користење на репо-линијата до 15 јануари 2023 година. Репо-линијата е само уште еден заштитен слој, имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви и високата ликвидност на банките, коишто ја гарантираат стабилноста на денарот и макрофинансиската стабилност. Репо-линијата обезбедува брз пристап на Народната банка до дополнителна ликвидност во евра, директно од ЕЦБ, во замена за соодветен колатерал деноминиран во евра, а за потребите на банкарскиот систем, соопшти денеска Народната банка.

Народната банка доби можност да ja користи репо-линијата во 2020 година, на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19. ЕЦБ им дозволи пристап до ваков инструмент на централни банки надвор од еврозоната, со цел да се ублажат негативните ефекти од пандемијата предизвикана од корона-вирусот. Минатата година беше продолжена можноста за користење на репо-линијата заклучно со март годинава, а сега таа можност е продолжена за уште речиси една година.

Од Народната банка информираат дека и покрај кризниот период во изминатите две години, немало потреба да се користи репо-линијата. бак/са/

Остани поврзан