• сабота, 09 ноември 2024

За прилепските стопанственици најголема помош е да се плати сработеното и да се реализираат ИПАРД програмите

За прилепските стопанственици најголема помош е да се плати сработеното и да се реализираат ИПАРД програмите
Прилеп, 2 мај 2020 (МИА) - Клима за работа, наплата за сработеното, пристап до европските средства и обуките за работењето во новите услови се пресудни за дел стопанственици од Прилеп, за да заживее стопанството. Тоа, според нив, ги гарантира и работните места. Владината помош не е пресудна, особено за градежната индустрија. Најбитно е да се наплати сработеното и да профункционира ИПАРД програмата со средствата за проекти, сметаат од градежната индустрија која е една од најпогодената со сосотојбите. Владините мерки се нејасни и неодредени, но побитно е создавањето работна атмосфера. Според Гордан Бошкоски, сопственик на прилепската градежна компанија „Теракота“, иако има намален обем на работа, градежната индустрија нема намера да ги отушти работниците. Најголеми „борчлии“ се државните институции. Тоа мора да се наплати. Владините мерки за нас се нејасни, но нам ни се најбитни работните ангажмани. -Работиме со многу помал обем. Не може да работиме на објектите кои, пред почетокот на кризата, сме почнале да ги работиме, зашто и инвеститорите се ставени во „стенд-бај“ ситуација. Сметам дека кризата допрва ќе се одрази врз градежните компании. Понудените владини мерки за нас, за жал, се нејасни, неразбирливи, едноставно недостапни до фирмите за брзо да стигнат и соодветно да помогнат, барем, во овој период на кризата.  Сме работеле за министерствата, владините и локалните институции. Всушност, нам не ни треба никаква друга помош, освен она што сме го сработиле да го наплатиме. Да најдат средства да не исплатат за сработеното. Тоа за нас е најголемата помош. Едноставно, тие институции се со огромни пари „борчлии“ спрема повеќето градежни фирми. Немаме намера ниту еден вработен да отпуштиме. Ниту можеме, зашто нашата компанија е заштитно друштво, објаснува Бошкоски. Решението за наредниот период е она што тековно требаше да се случи. За градежништвото финансиска инјекција ќе биде конечно стартирање на ИПАРД програмите каде имаме аплицирано со одредена програма, смета Бошкоски. - Тоа е ми се чини, најсоодветната помош за да почне да се движи тој инвестициски циклус. Реално е тие средства да се поделат. Средствата кои ги има од разни европски фондови, а се стигнати во државава, да се распределат под итно. Тоа е она што може да ја раздвижи економијата, а не да се пренаменуваат тие пари. Досега, ако не беше кризата, тие средства требаше да бидат поделени, вели Бошкоски. Извозот не е проблем за големите компании зашто релативно брзо се нормализираше транспортот. Проблем се побарувачката и нискиот стандард на граѓаните, вели Љупчо Велески, раководител на извоз во ПИ „Витаминка“. -За извозот е најбитно што релативно брзо профункционира транспортот. Факт е дека побарувачката е намалена, вториот квартал ќе биде проблематичен. Во континуитет ги работиме сите 30 пазари. Некаде темпото е намалено. Охрабрува што во тек имаме проекти и треба да се реализираат. Извозот не е проблем, но не плаши побарувачката, зашто стандардот и потрошувачката ќе бидат намалени, објаснува Велески. Според Стопанската комора проблемите допрва доаѓаат со што се согласуваат стопанствениците. Најавените Он-лајн обуки се корисни, смета Орде Ѓорѓиоски од правниот сектор на „Витаминка“. -Во овој момент ние не сме подобни за користење од владините мерки за помош и од кредитната линија. Сметам, во мерките не треба да се изземаат големите стопански субјекти во кои сме и ние. Но во тесна комуникација сме со Стопанската комора на Македонија. Предлагаме мерки. Можеби е добро товарот за одмори да не е на големите стопански субјекти. Би било добро отсуствто поради боледување како обврска да го преземе државата. Или друг вид финансиска помош или други кредитни линии кои ќе ги опфатат и големите деловни субјекти за да се обезбедат производството, продажбата, извозот и зачувувањето на вработените. Како извозници, клучно за нас е да се обезбедат коридори за увоз на суровините и за извоз на производите, објаснува Ѓорѓиески од правниот сектор на прилепскаат прехранбена индустрија „Витаминка“. Според него, едукацијата, во секој случај, е пожелна за компаниите и е од клучно значење во овие услови. -Ние ги едуциравме вработените,треба да се едуцираат и компаниите. Потребни се дополнителни обуки за начинот на функционирањето на транспортот во вакви вонредни услови, со царинските постапки, смета Ѓорѓиевски. Елизабета Митреска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан