• среда, 25 декември 2024

За новиот простор на Џез оркестарот обезбедени 10 милиони денари, во мај се очекува да заврши реконструкцијата

За новиот простор на Џез оркестарот обезбедени 10 милиони денари, во мај се очекува да заврши реконструкцијата

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Во Националната опера и балет денеска беше потпишан договорот за реконструкција и адаптација на просторот доделен на Националната установа Џез оркестар на Северна Македонија. За целосно реновирање на просторот, кој се очекува да биде завршен во мај следната година, обезбедени се 10 милиони денари од ТАВ програмата.

Директорот на Националната опера и балет Васко Ристов рече дека е изнајдено трајно решение за просторот на Здружението на џез музичари.

-Станува збор за простор каде колегите музичари ќе имаат проби, креирање на уметност, жанр кој е многу важен за развојот на музичката култура во Северна Македонија, рече Ристов за време на потпишувањето на договорот.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање посочи дека со овој договор се прави последниот чекор во подготовките за непречено да започнат градежните работи во Домот на НУ Џез оркестар. 

-Овој објект по својата опременост мора да биде според светски стандарди, а изведбата на беспрекорно ниво. Затоа на сите чекори досега се работеше внимателно и темелно не само поради специфичноста на Куќата на џезот, туку и поради фактот дека културата не смее да си дозволи уште еден објект чие реконструирање и адаптација ќе траат кратко време, а потоа неговото одржување ќе биде агонично и прескапо. Такви објекти наследивме и доста е, потенцираше Костадиновска Стојчевска.

Таа на членовите на Националната установа Џез оркестар им посака да ја негуваат страста кон слободата и од нивните нови 475 метри квадратни да се родат нови проекти кои ќе бидат наградувани со аплаузот на македонската, но и на светската публика.  

-За оваа Влада, Куќата на џезот не е предизборно ветување и не се соочуваме со предизборна трка со времето, туку со огромен напор да создадеме квалитетен простор во овој објект. Сакаме достоен дом за џезерите што ќе трае и сигурно чекориме во исполнување на нашата желба и на даденото ветување. Јасна и видлива од самиот почеток е нашата институционална поддршка за заедничка грижа за џезот, а тоа е уште еден влог во префинетиот звук на македонската музичка култура, додаде Костадиновска Стојчевска.

Генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт пред потпишувањето на договорот посочи дека овој проект е еден од 95-те специјални проекти на Владата кои ТАВ ги финансира, а истите се со вкупна вредност од 49,7 милиони евра.

Како што рече, од аспект на целокупниот ефект на овие специјални проекти на Владата кои ги финансираат до крајот на оваа година ќе имаат завршено вкупно 70 од 95 проекти. Тој информираше дека досега имаат инвестирано 80 отсто од средствата, додека прогресот на физичките работи на самите локации е повисок од тоа, односно е 88 проценти. 

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи рече дека посветеноста на Владата за културната различност ја препозна улогата на Националниот џез оркестар во културниот мозаик.

- Денешното потпишување на договорот за реконструкција и адаптација на просторот за потребите на Националниот Џез оркестар е дел од тоа што јас си го викам мозаикот на концептот на едно општество. Секој е важен, секој треба да биде преставен и секој заслужува еднакви права и можности. Концептот на едно општество нема само етничка димензија, туку и социјална и културна, за што говори и доделувањето на трајна адреса на НУ Оркестар за џез музика во РСМ овде во НОБ, рече Битиќи.

Посочи дека преку ТАВ програмата се реализираат инфраструктурни проекти низ сите општини и дека се градат водоводи, канализации, спортски сали, патишта, улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, културни центри...

Прашан кога се очекува да заврши реконструкцијата, Битиќи одговори дека џезерите ќе може да се слушнат како свират на 9-ти или 10-ти мај, во пресрет на Мајските оперски вечери, а во јуни веќе се очекува дека ќе имаат реконструиран простор. 

- На ТАВ им кажавме дека ова е од највисоките приоритети и ќе треба да направат само ревизија. Сметам дека до крајот на јануари ревизијата ќе биде направена и очекувам, ако не биде на 9 мај кога се Мајските вечери, дека на 10-ти веќе ќе дојдеме тука да видиме како свират џезерите. Во јуни мислам дека сериозно ќе имаат реконструиран простор. Мислам дека е извонреден период за пет до шест месеци да се направи целата реконструкција, рече Битиќи.бт/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан