• сабота, 23 ноември 2024

За неколку часа повеќе светски компании се повлекоа од Русија

За неколку часа повеќе светски компании се повлекоа од Русија
Москва, 8 март 2022 (МИА) – Во последните неколку часа повеќе светски компании се повлекоа од Русија. „Старбакс“ соопшти дека сите 130 кафулиња во Русија ќе бидат привремено затворени и ќе го прекинат снабдувањето во земјата. Британскиот гигант за широка потрошувачка Унилевер (Unilever) го прекина целиот увоз и извоз на своите производи во Русија, како и трошоците за медиуми и рекламирање. Но компанијата ќе продолжи да ги снабдува Русите со секојдневна основна храна и хигиенски производи произведени во Русија. И најголемата светска козметичка компанија Лореал ги запре сите инвестиции во Русија и привремено ги затвори своите продавници. Американскиот производител на безалкохолни пијалаци Кока-Кола престана со работа во Русија, соопшти компанијата на својата веб-страница. Кока-Кола нагласи дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата околу Украина. Еден час после Кока-Кола, и Пепси соопшти дека го прекинува бизнисот во Русија. Пепси ги прекинува продажбата, рекламирањето и промотивните активности поврзани со своите брендови на пијалаци во Русија, вклучувајќи ги Пепси-Кола, 7Ап и Миринда. Производителите на автомобили Ферари и Ламборџини соопштија дека нема да произведуваат автомобили за рускиот пазар до дополнително известување. Во соопштението, Ферари наведе дека планира да донира еден милион евра како поддршка на напорите за помош на украинските граѓани. Ламборџини соопшти дека „се надева на брз крај на непријателствата и враќање на дипломатијата“. Компанијата планира да донира на Високиот комесаријат на ОН за бегалци. јт/

Остани поврзан