• недела, 24 ноември 2024

Експерти за МИА: Не за целосна инклузија на лицата со попреченост во образовниот процес

Експерти за МИА: Не за целосна инклузија на лицата со попреченост во образовниот процес

Струга, 21 јануари 2024 (МИА) - Северна Македонија е една од ретките држави во светот кои имаат целосно инклузивно образование, односно сите деца со попреченост без разлика на степенот, можностите и потешкотиите со кои се соочуваат одат во редовен образовен процес. Покрај во основното, со новиот закон за средно образование, кој е во владина процедура, предвидено е ангажирање на образовни асистенти во наставниот процес и во средно. Но, за стручната фела, тоа е целосно неприфатливо. Според експертите кои ги консултираше МИА, основно или средно образование може да посетуваат само лесните случаи, оние што лесно можат да се вклопат во образовниот систем, но не и лицата со умерени и тешки попречености и тешки аутистични проблеми.

Професорите Ана Фрицханд - доктор по психолошки науки, Елизабета Томевска Илиевска – доктор по педагошки науки и Горан Ајдински, доктор по дефектолошки науки од Инстутот за специјална едукација и рехабилитација, сите од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, сметаат дека системот не е подготвен за такви реформи. За почеток се поставува прашањето, колку се подготвени училиштата да бидат инклузивни, дали се целосно екипирани со педагог, психолог и дефектолог, колку има пристапни рампи лифтови, посебни простории, дидактички помагала, методи, но и колку наставниците се подготвени.

- Би кажала не за ваков вид инклузија. Секое училиште треба да има екипиран стручен тим со педагог, психолог, дефектолог. Образовните асистенти се голема поддршка, но колку тие стручно можат да помогнат и колку се стручни лицата што се земаат за образовни асистенти, вели професорката Томевска - Илиевска.

И професорот Ајдински го дели истиот став дека неможе секој да посетува основно или средно образование.

- Тоа за нас стручњаците е тотално неприфатливо. Можат да одат лесните случаи, тие што можат лесно да се вклопат во образовниот систем, каде и нив ќе им треба голема помош. Но, лицата со умерени и тешки попречености и тешки аутиситични проблеми, неможат. Каменот на сопнување секогаш е интелектуалната попреченост, нагласува Ајдински.

Професорката Фрицханд пак потенцира дека инклузијата во средното образование ќе донесе многу предизвици, со кои ќе треба да се справуваат наставниците и стручните служби.

- Задолжително е училиштата да бидат комплетно опремени пред тоа да стартува, и инфраструктурно и кадровски, да имаат комплетирани стручни служби со специјален едукатор, педагог и психолог. Секој експерт од својот домен да помогне и работи. Да има инфратструктурни решенија. Наставниците да бидат обучени до степен да знаат како да пристапат, како да ја водат наставата, како да се справат со одредени моменти во однесувањето и слично, за да може тоа да функционира. Треба системот да е функционален и да сме подготвени со се, нагласува Фрицханд.

Почна приемот на барања за остварување на правото на додаток за образование за учебната 2022/2023 година (за ученици во основно и во средно образование, соопштија денеска од јавната установа

Инклузивното образование горлив проблем во општеството

Образовниот систем во државата, според Томевска - Илиевска, последните децении се среќава со низа тешки и горливи проблеми. Еден од таквите проблеми е и инклузивното образование на учениците со попреченост, во основното, а сега се очекува да биде со закон регулирано вклучувањето на оваа категорија ученици и во средното образование.

- Јас не верувам дека постои професор, психолог, педагог, дефектолог, кој е против реформи во образованието. Но, секогаш се поставува прашањето, дали ваков вид реформи и со ваква временска динамика треба да се имплементираат и колку нашиот систем е подготвен да одговори на реформите. Прво дали има приспособено стручни и компетентни професори, стручни тимови да одговорат на тие прашања. Дали нашите училишта, нашите воспитно-образовни институции се логистички во форма, материјално-технички, дидактички, методички подготвени да прифатат таква категорија ученици. Секогаш кога се прави ваква реформа неминовно е да биде консултирана научната фела/стручната јавност да добиеме многу подобра реализација и во реалност имплеметација, забележува Томевска- Илиевска.

Во однос на подготвеноста на системот за влегување на децата со интелектуална попреченост во образовниот процес го поставува и прашањето колку факултетите, кои продуцираат идни наставници и професори ги оспособуваат студентите да реализираат квалитетна настава, која ќе има добри резултати не само со лицата со различни видови попреченост, туку и воопшто со сите ученици.

- Во развиени образовни системи има педијатри, доктори, медицински кадар за поддршка, посебни простории во кои ученикот може да мирува, да се одмори и слично. Од таа причина сметаме дека во зависност од видот на попреченост и начиот, систем апсолутно не е подготвен за целосна инклузија, нагласува професорката по педагошки науки.

Целосното инклузивно образование е тотално промашување и за професорот Ајдински. Тоа, според него, го покажуваат и дипломски и магистерски трудови од студентите. тој забележува дека многу училишта немаат стручни тимови, немаат соодветна инфраструктура, лифтови, тоалети...

- Неможеме да зборуваме за обична инклузија, за комбинирана, а не па за тотална инклузија, што за нас е многу несреќно решение и се надеваме дека многу брзо ќе се промени тоа. Училиштето треба да биде подготвено и за децата со пречки во развојот и за родителите кои имаат деца со пречки во развојот, но и за оние кои немаат такви деца, да има комплетно инклузивен тим дефектолог, психолог и педагог, без тоа неможеме да зборуваме за инклузија, тоа е лудост, дециден е Ајдински.

Инклузијата во средните училишта нов предизвик

Инклузијата во средното образование, според професорката и доктор по психолошки науки Фрицханд, ќе донесе многу предизвици со кои ќе треба да се справуваат оние кои ќе бидат директно вклучени во воспитно-образовниот процес. Пред се, наставниците и стручните служби. Но, пред да стартува процесот, смета дека е потребно комплетно инфраструктурно и кадровски опремување на училиштата.

- Незнам дали ќе биде проблем, но дека ќе биде сериозен предизвик тоа е дефинитивно. Како ќе се справуваме? Веројатно со различна успешност. Но додека не се исполнат основните минимални предуслови кои се потребни за да можеме да го импелментираме тоа, тешко ќе ни оди, додадава Фрицханд.

Оваа проблематика, нагласува, дека не трпи импровизација.

- Не постои простор за импровизација. Како развоен психолог јас сум за тоа загрижена. Развојот на секое дете без оглед со каков предизвик се соочува е страшно важен и тука простор за импровизација нема. Мора да се пристапи стручно и со многу компетентност, знаења и со голема сериозност, подвлекува Фрицханд.

Ајдински смета дека целосната инклузија во образовниот процес ќе предизвика поголеми проблеми во средните училишта каде децата се оспособуваат за одредена струка, па и во гимназиското образование.

- Ние неможеме средните училишта да ги правиме реахбилитациски центри. Да ќе помогнеме за инклузија, но има деца со интелектуална попреченост, кои неможат во основно, а не па во средно образование. Во наредниот период ќе дојдат многу деца со аутизам и тука треба огромна помош. Среќна околност е што почнаа да се вработуваат дефектолози и во средните училишта, меѓутоа за жал, а неопходно потребно ќе мора да се вработуваат и повеќе дефектолози во средните и основните училишта, не само еден, смета професорот.

Делувањето на инклузијата во редовниот образовен процес табу тема

Реакциите на некои ученици или родители за инклудирање на дете со интелектуална попреченост во нивното одделение или клас постојано наидуваат на осуда во општеството. Но прашањето за тоа како инклизијата се одразува во редовниот образовен процес останува табу тема.

- Лицата со атипичен развој делуваат многу различно во редовниот образовен процес. Прашањето е многу тешко и слоевито, обично и не се говори на таа тема. Прво тоа е како табу тема, а второ многу важно е средината и семејствата од каде што доаѓаат другите ученици, колку и тие се подготвени од нивните родители дека во паралелката ќе има таков ученик, како да се однесуваат, да постапуваат, помагаат, да има една добра позитивна социјална кохезија. Има ученици кои доаѓаат од различни семејства, со различен образовен и културолошки степен, стереотипно однесување, но и различна манфестација на развојни особини на ученик од 12 години и од 17, 18 години, појаснува Томевска - Илиевска.

Тоа, нагласува, многу тешко влијае на целиот образовен процес, вклучувајќи ги и наставниците.

- Сепак има и други ученици со кои треба да има индивидуален пристап, да има подготвени посебни активности, помошни работи, дидактички материјали... Големо оптеретување и тежина на наставникот. Второ колку има стручна компетенција наставникот, тој може да сака, но дали знае како да работи со тој ученик, а притоа има и други ученици кои напредуваат, па има и надарени ученции. Во училницата има различни категории, појасни професорката.

Илустративно, што ќе се случи доколку во една паралелка со 30-тина ученици се погодат двајца со различна попреченост. Од една страна наставник, кој работи со сите ученици и двајца образовни асистенти, кои во истиот момент треба да работат со учениците со попреченост.

- Неможе целата работа да припадне на образовниот асистент. Верувајте дека голем број прашања се отворени и како предизвик пред кој е исправена академската и стучната фела и наставниците. Мора да им се даде поддршка и на наставниците мора да се подготват соучениците во одделението/класот како ќе ги прифатат и како да им помогнат на тие ученици...., додава Томевска - Илиевска.

Професорот од Инстутот за специјална едукација и рехабилитација, кој до скоро се нарекуваше Институт за дефектологија, нагласи дека се залагаат за инклузија, предаваат инклузија и ги обучуваат студентите за инклузивно образование.

- Тоа е неопходно потребно. Инклузија да, но не по секоја цена, и само за тие што можат да се вклопат, полесните случаи, и пак ќе им биде потребна помош. Нормално ако не е подготвено училиштето, ако не се подготвени наставниците, ако нема стручен кадар, не е само образовниот асистент, тогаш проблем е за наставникот, кој треба да го спроведе едукативниот процес. Наметнатата инклузијата е убава работа, но да се води сметка кој се треба да биде инклудиран и тоа да е многу темелно и сериозно сфатено. За жал ние сме далеку од тоа, забележува Ајдински.

Образовните асистенти голема поддршка, но каква е нивната стручност

Образовните асистенти се голема поддршка на лицата со попреченост и на нивните семејства, но колку се тие стручни. Дали со една до две обуки се обучуваат за тие да бидат одговорни за тој ученик.

Меѓу образовните асистенти, како што посочи Ајдински, има од сите образовни профили, но сепак неколку дневната обука не е доволна да можат да работат со дете со попреченост. Неможе да се споредува ниту од далеку со дефектолог, кој има четири годишно стручо образование, полагал испити, поминал лиетартура и пракса.

- Единствена светла точка се образовните асистенти, кои се неопходно потребни во ова несреќно решение. Тоа е голема олеснителна околност за родителите, добра работа за децата, па и за наставникот. Да има некој да го земе детето од дома да го однесе на училиште, да му помогне околу материјалот, да го врати. Тоа е големо олеснување и за детето, но него му треба индивидуален третман во наставата, дури и кога се работи за инклузија, да му посвети внимание дефектолог, а и наставникот да има одредени познавања, посочува Ајдински.

Поддршката, според Томевска - Илиевска, не значи само помош да влезе ученикот во училница, да ги изврши своите физиолошки потреби и слично.

- Ние имаме воспитно-образовен процес со официјални планови и програми, кои треба да се реализираат за ваквата категорија ученици. За нив се подготвуваат посебни образовни планови, според нивото на попреченост, колку може да одговори и на минимум постигнување на знаење. Тука е воспитната компонента, социјализацијата и други прашања за кои сметам дека треба да е подготвен добро системот, посочува Томевска - Илиевска.

Според неа, нема евалуација во однос на квалитетот, кои профили образовни асистенти се вклучени, каков е нивниот образовен бе граунд, какви резултати постигнуваат.

Државава една од ретките земји во светот со целосна инклузија во образовниот процес

Нашата држава е една од ретките, има само две-три во светот, со тотално инклузивно образование. Престанувањето на вршење на својата дејност на специјалните основни училишта, посебните паралелки, заводи и институции и нивната пренамена во ресурсни центри за експертите е тотално неприфатливо.

Професорот Ајдински како пример ја посочува Данска, една од ретките земји, со околу 95 проценти успешно инклузивно образование, но не за интелектуалната попреченост за што имаат посебни училишта, заводи и институции. Така е во Холандија, Белгија, Англија, Америка...

- Италија пак има сосема различен модел, има тотално инклузивно образование од многу одамна. Ако има 15 или 20 деца со умерена и тешка интелектуална попреченост во некое училиште, таму има најмалку пет дефектолози, доктор, сестра, терапевт, музико- терапевт, комплетна медицинска и дефектолошка екипа. Е тогаш може да зборуваме за целосно инклузивно образование. Доколку родителот не е задоволен и сака неговото дете да посетува специјално образование, тогаш има можност да плати да оди во приватно училиште, посочува Ајдински.

Овде во Македонија, подвлече, ако родителот не е задоволен треба да се врати во специјално образование, но таму немаат образовна дејност.

- Мора да се снаоѓаат. Мора да се најде начин иако се ресурсни центри, да му пружат образование, родителот има право. Ако има право да биде детето инклудирано има право да бара да биде и во посебно образование. За жал некоие деца неможат да го следат образовниот процес во некои училишта, вели Ајдински, подвлекувајќи дека мора да постои институционален систем за умерената и тешката попреченост и за децата со посериозни форми на аутизам.

Потребата од асистент остави ученици со аутизам надвор од средношколските клупи во Струга

Процесот на инклузија во средните училишта сеуште не е почнат. Но потребата за образовни асистенти се појавува и таму. Со такви потешкотии се соочила директорката на средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга, Бесиме Јонузи, каде годишно инклудираат од три до пет ученика.

- Имаме таков ученик што веќе е матурант. Без асистент со поддршка на наставниците и соучениците тој стигна до четврта година. Оваа учебна година имаме тројца ученици со пречки во развојот, од кои една ученичка е со тешка форма на аутизам, вели Јонузи.

Со дозвола на Министерството за образование и наука, девојчето било запишано во редовен образовен процес, но и било потребен образовен асистент, за што не добиле финансиска поддршка ниту од Министерството ниту од Општина Струга.

- Со училишниот одбор се согласивме училиштето да издвои сопствени средства со минимален износ да го платиме образовниот асистент под услов родителот да го најде. Родителот неможел да најде асистент, никој не прифаќал заради ниската сума. Ученичката остана надвор од образовниот процес, бидејќи неможевме да обезбедиме асистент за сумата што училиштето може да ја издвои, истакна Јонузи.

Случајот, според директорката, бил мотив да организираат семинар за наставниот кадар во училиштето со професори од Филозофскиот факултет. Секој од експертите имаше излагање во својот стручен дел, но едногласни се дека со предавање од еден или два дена може да им помогне на наставниците во процесот на препознавање, но сепак потребно е стручна подготовка за соочување со ситуациите, кои може да ги предизвикаат учениците со интелектуална попреченост.

- Пред нас се голем број прашања и дилеми, кои во од треба да ги решаваме. Обуката е компензација, тоа што нашиот систем не го направил во високото образование да ги оспособи и до кое ниво треба да бидат оспособени наставниците како да препознаат ученик со атипичен развој и како да постапат за време на часовите за да реализираат настава, изјави Томевска Илиевска.

Психологот, како што посочи професорката Фрицханд, има незаменливо место во сите социјални аспекти за прифаќање од типичните ученици, на оние кои по некоја основа отстапуваат од типичниот развој, по нешто се поразлични. Да се подготват учениците од класот и нивните родители, да се подигне свесноста за прифаќање и разбирање на некој што е различен од нив. Покрај на часовите, ученикот да биде прифатен и надвор од образовниот процес.

Семинарот е важен за стручната фела, професорите во гимназијата, родителите и најважно за учениците и е прв од ваков тип во земјава.

Слаѓана Стојкова Костоски

Фото: МИА

Остани поврзан