• недела, 24 ноември 2024

За Мицкоски случајот „Феникс“ е театар и служи за дефокус од криминалите на власта, но и фрлање сенка на идентитетските обележја

За Мицкоски случајот „Феникс“ е театар и служи за дефокус од криминалите на власта, но и фрлање сенка на идентитетските обележја

Скопје, 3 јули 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека случајот „Феникс“, во кој се обвинети повеќе лица за перење пари и злоупотреба на службена положба за набавка на дел од споменици од проектот Скопје 2014, е театар и служни за дефокус, како што рече, од криминалиите на власта.

Тој при денешната посета на општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во однос на овој случај, оцени дека преку овој случај се дефокусира јавноста, од, како што посочи, криминалот на власта.

Тој го повика и истиот обвинител да отвори истрага и да се провери кој дал дозвола за градба, кој го финансирал, како го финансирал споменикот во Слупчане како и за многу други места каде има нелегални градби како Зајас и Колари и како што оцени, многу поспектакуларни случаи.

-Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден вие го нарековте случај „Феникс“ е исклучиво и само со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење, за да се дивергира од оние коишто денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело тоа ќе било решено пред седум, осум, девет години. Второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет, затоа што на тој начин се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици коишто имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет, кажа Мицкоски.

Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Како што информира во петокот на прес-конференција обвинителот Љубомир Лапе, осомничените, заобиколувајќи го Собранието, обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000,00 денари (57.681.138,00 евра).

Обвинителот не ги посочи имињата на осомничените, но, според нивните своевремени функции, станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е првоосомничен, второосомниочен е поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, поранершната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, а меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.

Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, дел од „Скопје 2014“, а истрагата е отворена по 10 години. 

Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“. ам/нд/

Фото: ВМРО ДПМНЕ

Остани поврзан