• среда, 18 декември 2024

За зголемување на одбранбените капацитети Албанија од Пентагон ќе зема поволни кредити

За зголемување на одбранбените капацитети Албанија од Пентагон ќе зема поволни кредити

Тирана, 17 ноември 2024 (МИА) - Албанија е во преговори со Пентагон за да добие поволни кредити од САД за зголемување на одбранбените капацитети.

Министерот за одбрана Пиро Венгу во телевизиско интервју, зборувајќи за Предлог-буџетот за одбрана за 2025 година, рече дека противвоздушната одбрана е значаен чекор што мора да се преземе, но оти е многу скап.

-Затоа и буџетот предвидува можност да добиеме и странско финансирање. Има некои многу интересни инструменти главно од нашите партнери, како САД. Ние сме во разговори со Пентагон за да можеме да имаме корист и од можностите за поволни заеми дадени од САД за зголемување на нашите капацитети за огнена моќ и одбранбени системи, како и реални вложувања, рече Венгу.

Оценува дека тоа се интересни инструменти од аспект на финансиска леснотија, бидејќи се работи за поволни заеми, споменувајќи при тоа дека неколку сојузнички земји како Полска и Романија веќе имаат корист од овие инструменти, додавајќи дека и верува оти и Албанија ќе има корист.

Исто така, нагласи дека целта е да се изградат капацитети во сајбер одбраната со плати еквивалентни на приватниот сектор.

-Над 50 отсто од буџетот е наменет за борбените сили, односно зголемување на капацитетите на Армијата со опрема, системи и алатки. Ќе вложуваме во антитерористичка одбрана. Станува збор за значајни, скапи вкожувања кои се прават за првпат, така што квалитетот на персоналот мора да биде на нивото кое го бара денешната технологија. Вториот елемент има врска со зголемување на капацитетите на поморската флота, односно да има и борбени капацитети, нагласи тој.

Најави значително зголемување на платите на припадниците на вооружените сили, кое ќе стапи на сила во јануари 2025 година, со што, според него, тие ќе имаат највисоки плати во регионот. вт/са/

Фото: Венгу ФБ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан