• четврток, 26 декември 2024

ЗА ВТОРНИК / Постапка за измена на Уставот

ЗА ВТОРНИК / Постапка за измена на Уставот
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Постапката за измена на Уставот на Република Северна Македонија започнува со давање на предлог за пристапување кон измена на Уставот и со донесување одлука за пристапување кон измена на Уставот. Постапката има три фази: утврдување на нацрт на актот и негово ставање на јавна дискусија, утврдување на предлог на актот и одлучување и прогласување на уставната измена од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Согласно одредбите на Уставот на Република Северна Македонија, предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат: Претседателот на Републиката, Владата на Република Северна Македонија, најмалку 30 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и 150.000 граѓани. По поднесување на предлогот, потребно е да се донесе Одлука за пристапување кон измена на Уставот што ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За да се донесе одлуката, таа мора да биде поткрепена и донесена врз основа на образложен предлог што го поднесува овластениот предлагач на уставната измена и мора да биде јасно и конкретно образложена концепцијата и целите на кои се темели уставната измена. Потоа, се пристапува кон утврдување на Нацртот за измена на Уставот, кој, исто така, го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во оваа постапка се утврдува предлогот на Уставот (нацрт – текстот на Уставот) кој потоа се става на јавна расправа. Предлогот на Уставот го утврдува Собранието на седница доколку гласале две третини од мнозинството пратеници, имајќи ги во предвид резултатите од јавната дискусија. Коментарите од јавната дискусија во текстот на предлогот на актот ги вградува Комисијата за уставни прашања на Собранието, во тесна соработка со стручната група, што ја формира Собранието. Потоа, се пристапува кон донесување на Одлука за измена на Уставот од страна на Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За предлогот на Уставот се води општа расправа за предлог текстот и за секој член од текстот поединечно. Пратениците имаат право да предлагат амандмани за подобрување на предлог текстот на Уставот. За усвојувањето на уставната измена, Собранието донесува одлука за прогласување на уставната измена со двотретинско мнозинство гласови. За промена на Преамбулата на Уставот, пак, потребно е двојно мнозинство гласови: двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Исто така, со двојно мнозинство се менуваат и членовите за локална самоуправа, одредбите кои се однесуваат на правата на припадниците на заедниците, особено одредбите кои се однесуваат на службената употреба на јазиците, темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, еднаквоста на граѓаните, слободата на верисповеста, правата на заедниците, историското и уметничкото богатство на Македонија, Народниот правобранител, Комитетот за односи меѓу заедниците, Советот за безбедност, Судскиот совет и Уставниот суд на Република Северна Македонија. Пратениците од малцинските заедници учествуваат издвоено во гласањето само во фазата на одлучување и прогласување на уставната измена, како и во фазата на прифаќање на предлогот да се пристапи кон промена на одредбите од посебен интерес за тие заедници. Додека, тие не учествуваат издвоено во гласањето за другите фази од уставната постапка (нацрт на уставната измена). Постојат два основни облика за менување на уставот: уставен закон (за обемни промени во текстот на Уставот) и уставни амандмани (за мали измени во важечките уставни одредби). Уставните закони се донесуваат кога е потребно да се доуреди уставниот текст или доколку е потребна пообемна уставна интервенција. Тие се донесуваат во постапка утврдена за измена на уставот. Амандманско менување на Уставот се врши како издвоен текст. Амандманската техника за дополнување или измена на Уставот до сега е применета осум пати. Амандманите од 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009, 2011 и 2019 година се составен дел на Уставот и вкупно се 36 амандмани (I – XXXVI). ев/

Остани поврзан