• четврток, 26 декември 2024

За власта не постои т.н. нон-пејпер, официјален предлог е оној на претседателството со ЕУ, за САД прашањето меѓу Скопје и Софија мора веднаш да се реши

За власта не постои т.н. нон-пејпер, официјален предлог е оној на претседателството со ЕУ, за САД прашањето меѓу Скопје и Софија мора веднаш да се реши
Скопје, 13 септември 2021 (МИА) - Од Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија, соопшти вчера Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во врска со т.н. нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, што вчера циркулираше во одредени медиуми. За Владата на Северна Македонија, пак, официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија. Во исто време, новиот претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој доаѓа на местото на досегашниот Метју Палмер, изјави дека прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија мора веднаш да се реши и да и се дозволи на Северна Македонија да го продолжи патот по кој макотрпно работеше за резултати, како и дека ова прашање да не го попречува процесот на проширување.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, ставот на претседателот во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина.

Владата, пак, во одговор на прашањето на МИА, дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, соопштија дека за Владата на Северна Македонија официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија и оттаму сметаат дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни. Таканаречениот нон-пејпер вчера го објави телевизија „Клан“ без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.
- Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ, е наведено во одговорот од Владата.
Нон-пејперот содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ на Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност.
Во нон-пејперот, кој го објави ТВ „Клан“, се тврди дека во Република Северна Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Утавот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.
- Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичката вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе и се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети, се наведува во нон-пејперот.
Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив. - Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Северна Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (германски, португалски, словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни, се наведува во нон-пејперот. Официјалниот став на Владата е дека релеватен за решавање на спорот е португалскиот предлог и оти тој содржи решенија кои се прифатливи за двете страни.

Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во меѓувреме изјави дека изјави дека блокадата на Северна Македонија поради спорот со Бугарија лошо влијае врз соседните земји, посебно Србија и Косово, јави дописничката на МИА од Брисел.

Лајчак денеска заедно со претставникот на Стејт департментот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, одговорија на неколку прашања во рамки на конференцијата организирана од страна на Европскиот центар за политика.

На прашањето на МИА како гледа на блокадата на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори, Лајчак призна дека ситуацијата има негативни последици врз дијалогот помеѓу Белград и Приштина и повика на брзо решавање на спорот.

– Се разбира дека ова има последици врз дијалогот и тие последици се негативни, фактот што Северна Македонија не отвори преговори со ЕУ негативно го погоди кредибилитетот на ЕУ во регионот, јас со ова лично се соочив за време на моите посети и патувања, и нема да се подобри сѐ додека Северна Македонија и Албанија не започнат со преговорите, изјави специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан.

Тој додаде дека Европската Унија мора да го исполни ветеното кон оние земји партнери кои своите ветувања ги исполнија, како што е случајот со Северна Македонија.

Лајчак се осврна на политичката криза во Бугарија каде изборите никако не резултираат со јасни резултати.

– Изборите не произведоа власт со јасен и силен мандат, и сега треба да чекаме влада со мандат и да го решиме ова прашање без одлагање, изјави Лајчак.

Специјалниот претставник не одговори на прашањето за последниот „нон-пејпер“ што излезе во јавноста во Северна Македонија со нови предлози за решение помеѓу Скопје и Софија.

Некои дипломати во Брисел за МИА коментираат дека станува збор за еден вид притисок и обид да се актуелизира прашањето.

Претставникот на САД на денешната дискусија во Брисел, Габриел Ескобар, уште еднаш ги повика земјите членки на ЕУ да изнајдат решение за Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.

– Што се однесува до Северна Македонија и Бугарија ова мора веднаш да се реши и да и се дозволи на Северна Македонија да го продолжи патот по кој макотрпно работеше за резултати, се согласувам дека ова билатерално прашање не смее да го попречи процесот на проширување и се надевам дека ЕУ ќе изнајде механизам за да се реши, рече Ескобар.

Тој упати и порака до земјите членки на Европската Унија дека Вашингтон очекува поголема поддршка од некои земји членки на ЕУ за проширувањето, но одби да ги именува и нагласи дека Унијата треба да биде свесна оти Западниот Балкан е регионот со најбрз економски раст во Европа, поради што и е и потребен на ЕУ.

Ескобар исто така одби да го коментира наводниот „нон пејпер“.

Европратеничката Виола Фон Крамон од своја страна истакна дека спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија не смее да се одолговлекува.

– Требаше десет години да се реши спорот помеѓу Грција и Северна Македонија, немаме толку време, барам да се изнајде решение, има формати како Жан Моне дијалогот, треба да се напредува што побргу, да се оди во земјите и да се изнајдат предлози дури и пред изборите, рече пратеничката.

Во Брисел постои страв дека поради изборите во Бугарија закажани за ноември, Северна Македонија повторно ќе биде блокирана на декемврискиот Совет, под словенечко претседателство.

– Нова блокада би имала сериозни последици како за земјата така и за регионот, сложни се во институциите на ЕУ. нд/са/

Остани поврзан