• среда, 25 декември 2024

За викендов закажана „свадбата на годината“ во Индија

За викендов закажана „свадбата на годината“ во Индија

Мумбај, 11 јyли 2024 (МИА) - По четири месеци раскошни настани што водеа до она што според многумина и го надминува епитетот „свадба на годината“ во Индија, се очекува прославите да кулминираат овој викенд. Се работи за венчавката на Анант Амбани (29) - најмладиот син на претседателот на „Релајанс индустрис“, Мукеш Амбани, и Радика Мерчант - ќерка на фармаколошките тајкуни Вирен и Шајла Мерчант.

Тоа не е ништо помалку од кралска венчавка, според колумнистката Шоба Де.

- Нашите милијардери се новите индиски махараџи. Нивните соработници не очекуваат ништо помалку од мега-екстраваганција. Индијците отсекогаш ги сакале помпезноста и раскошот - исто како и Британците... А, скалилото (на венчавката) е во согласност со богатството на Амбани, вели таа.

Но, колку што свадбата предизвика позитивен интерес во Индија и во светот, толку има и гнев поради сиот тој покажан раскош во земја каде што десетици милиони живеат под прагот на сиромаштијата и каде што нееднаквоста во приходите е екстремна, пишува „Би-би-си“.

Инаку, прославите почнаа во март, кога младата индиска двојка имаше тридневна забава во градот Јамнагар на западот на Индија, каде што присуствуваа околу 1.200 високи гости, меѓу кои Марк Цукерберг и Бил Гејтс. Светлосното шоу со 5.500 беспилотни летала го осветли небото над тн. „Стаклена палата“ - специјално направена по нарачка за свеченостите, каде што настапи познатата пејачка Ријана.

Потоа, на почетокот на јуни, парот одржа и четиридневно викенд-крстарење по Средоземноморјето, со повеќе застанувања низ Европа. Освен пријателите и семејството, во патувањето уживаа и ѕвезди од Боливуд, а настапи имаа Кејти Пери, „Бекстрит бојс“ и оперскиот певец Андреа Бочели.

Оваа недела се случи уште еден претсвадбен спектакл на „домашниот терен“ на семејството Амбани, т.е. во Мумбаи, каде што беше ангажиран Џастин Бибер. Видеото на коешто тој пее на работ од сцената заедно со невестата и нејзините пријатели е прегледано 38 милиони пати.

Семејството Амбани не откриваат колку сѐ тоа чини вкупно, но тамошните медиуми проценуваат дека веќе се потрошени меѓу 11 и 13 милијарди рупии (околу 120 - 144 милиони евра). Според гласините, на Ријана ѝ биле платени седум милиони долари (речиси 6,5 милиони евра) за нејзиниот настап, а Џастин Бибер наводно чинел 10 милиони долари (9,23 милиони евра).  си/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан