• петок, 27 декември 2024

Неопходна национална програма за превенција на обезноста, кај нас се уште нема регистер за болеста Е66

Неопходна национална програма за превенција на обезноста, кај нас се уште нема регистер за болеста Е66

Скопје, 4 март 2024 (МИА) - Неопходна е национална програма за превенција на обезност, порача доцент доктор Ирфан Ахмети, претседател на Научното здружение за обезност - ОБЕМ денеска на Светскиот ден на обезноста. На мултидисциплинарна панел - дискусија, под мотото ,,Ајде да зборуваме за обезноста и...", кој се одржа во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, упати апел дека освен секундарното и терцијарното здравство, обезноста мора да биде вклучена и во примарното здравство. 

Пациентите кои страдаат од Е66, шифрата со која се обележува оваа болест, во моментот може да се упатат во двата центра за менаџирање на обезност во „8 Септември“ и на Клиниката за ендокринологија, а наскоро се очекува отворање и на трет на Детската клиника, која ќе биде наменет за деца и адолеценти, со оглед на тоа што надлежните забележуваат пораст на обезни лица кај овие старосни групи. Регистер на лица кои страдаат од обезност нема, бидејќи сите кои побарале досега помош се лекувале од натамошните компликации, при што првичната дијагноза не е регистирана. Надлежните се надеваат дека со работата на центрите наскоро и земјава ќе добие регистер на Е66 пациенти, а сегашните бројки се претпоставени, односно 28 отсто од популацијата се соочува со обезност. 

- Апелирам дека не само секундарното и терцијарното здравство, туку заедно со здравствената политика треба да направиме национална програма во превенцијата на обезноста, вклучувајќи го Министерството за здравство во смисла на вклучување на примарното здравство во справувањето со обезноста. Го кажувам ова затоа што податоците од Мој термин говорат дека се регистрирани само 14 илјади пациенти со обезност со шифра Е66, што приближно е околу десет проценти од реалните бројки, така што тоа ни е првиот чекор, вториот чекор понатаму е справување, односно менаџирање и она што е многу важно е отворено да зборуваме за оваа болест. Со цел да се избегне и стигмата, кога повеќе ќе се дискутира, ќе се зборува, ќе се подигне свеста и тогаш лицето што е обезно без комплекси ќе се упати да побара помош, нагласи Ахмети во изјава за медиумите.

Тој додаде дека многу е важно да се подигне свеста за дебелината како комплексна и хронична болест, која, доколку не се препознава, може понатаму да води кон коморбидитети, хронични компликации и до ризик за намалување на животниот век.

Ахмети потсети дека дебелината како хронична болест за жал е во пораст и во светски рамки и кај нас, а предвидувањата се песимистички, односно се очекува пандемиски раст на оваа болест. Тој подвлече дека превенцијата е многу важна и таа се однесува на промена на животниот стил, поголема физичка активност, здрав начин на живот, ослободување од лошите навики, особено кај децата и адолесцентите.

- Навременото дијагностицирање е многу важно. Бројките кај нас, за кои можам да кажам дека се само претпоставени, е дека околу 28 проценти од популацијата се обезни. Исто така обезноста е во подем кај деца и адолесценти, околу 30 отсто се натхранети и обезни, зборувам натхранети затоа што доколку не се интервенира тие преминуваат во обезни како деца и адолесценти, додека обезни деца има околу 13,5 проценти, појасни Ахмети. 

Тој информираше дека во двата отворени центра за менаџирање на обезност, едниот во „8 Септември“, другиот на Клиниката за ендокринологија, за овие шест месеци се регистрирале околу 650 пациенти со прилично потешка обезност, односно со обезбеност класа 3 со индекс на телесна маса над 40.

Доцент доктор Танер Хасан од ГОБ 8 Септември истакна дека се зголемува бројот на пациентите асдолесценти, но и на оние од младата популација до 40-годишна возраст.

-Тоа укажува дека почнува полека да се подигнува свеста во нашава земја, што претходно не било случај, бидејќи се што досега сме правеле било во насока да се намалат компликациите од оваа болест. Меѓутоа, многу тешко беше да се пробие стигмата, болеста да се прифати како хронична болест и прогресивна болест која што треба цел живот да се третира и да се лечи, рече Хасан и додаде дека освен овие два центра, наскоро се очекување и отворање на третиот на Детска клиника, кој ќе биде наменет за деца и адолесценти.  

Хасан нагласи дека на светско ниво преваленцата е околу 30-35 отсто, а смета дека тој процент е застапен и кај нас. Напомена дека за жал досега не постои регистар на пациенти со дијагноза Е66, а кај пацентите, кои доаѓале се лекувале од компликаци, не била регистрирана примарната дијагноза.

-Со отворање на овие центри верувам дека во блиска иднина и Македонија ќе има еден добар регистар за застапеноста на овие пациенти и тоа е корисно и за благовремено третирање на овие пациенти, за да се избегнат компликациите, рече Хасан. 

На светско ниво, рече тој,  има околу 200 болести коишто се директно или индиректно поврзани со обезноста. 

- Меѓу нив, најважни и најчесто застапени се кардиоваскуларните болести, ортопедските проблеми со колена, гонартрози, психолошки проблеми исто така што за жал има кај повеќето од пациентите, а поврзани се со стигматизацијата или изолираност од јавноста. Таквите пациенти имаат проблеми со депресија и анксиозност и тие имаат потреба од психолошка или психијатриска поддршка, за да бидат мотивирани во лекувањето и успешноста на третманот за обезноста. Од други компликации најчест е дијабетесот од првите метаболни, хипертензијата исто така, има доста малигнитети, коишто се поврзани од типот на колорекатални, карцином на дојка, карцином на панкреас, коишто се многу застапени кај пациентите што имаат обезност, појасни Хасан. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан