• четврток, 26 декември 2024

За Бериша, неговото прогласување за непожелна личност во САД, е дело на Рама и Сорос

За Бериша, неговото прогласување за непожелна личност во САД, е дело на Рама и Сорос
Тирана, 26 јуни 2021 (МИА) - Поранешниот албански претседател, експремиер и почесен претседател на опозициската Демократска партија, Сали Бериша смета дека неговото прогласување за непожелна личност, од страна на американскиот Стејт департмент, е „дело на премиерот Еди Рама и неговиот заштитник, милијардерот Џорџ Сорос“. -Додека Вашингтон го оправда својот став за прогласување на Бериша и неговото семејство за непожелни личности за САД, поради корупција и злоупотреба на власта за лични интереси, поранешниот шеф на државата смета дека тој е обвинет без никакви факти. Според Бериша, за 30 години политичка кариера никој нема поднесено никаква тужба против него до Обвинителството. Ова што се случува е политичка одмазда на Еди Рама и неговиот заштитник, милијардерот Џорџ Сорос, пренесува Ора њуз. Според него се чини дека одлуката на Стејт департментот се заснова на извештаи на невладини организации „сите финансирани од Џорџ Сорос“, извештаи во медиумите контролирани од владата и нејзините органи, од владината единица за борба против корупција, која е рангирана меѓу најкорумпираните во Европа“. Додава дека одлуката за прогласување „персона нон грата“ била најавена уште во 2019 година, откако тој се изјаснил против отцепување на дел од територијата на Косово во корист на Србија. -Мојот јасен став против овој чин беше во хармонија со многу високи европски функционери, Американци, законодавци и престижни аналитичари. Силно верувам дека главно поради оваа причина беше широко лобирано во Вашингтон да бидам прогласен за песона нон грата, посочува Бериша. Тој признава дека не може да влијае на Стејт департментот да го отстрани од црната листа каде е ставен заедно со сопругата, синот и ќерката и објаснува зошто поднел тужба. -Не поднесов тужба до парискиот суд за да ја поништам одлуката на секретарот Антони Блинкен, бидејќи тоа е негово ексклузивно право, туку за да се открие вистината, да ја направи транспарентна и да ја побие неоснованата клевета. Сакам да ја вратам честа и достоинството на семејството и мојата, пред милиони Албанци кои веруваа и гласаа за мене повеќе од кој било друг по комунизмот, констатира тој. Стејт департментот во листата на непожелни Бериша и неговото семејство ги стави во средината на минатиот месец. вт/ссм/

Остани поврзан