• вторник, 24 декември 2024

Зајкова: ЛДП треба да биде предводник на европската коалиција, бидејќи најжестоко се бори за тие вредности

Зајкова: ЛДП треба да биде предводник на европската коалиција, бидејќи најжестоко се бори за тие вредности

Скопје, 26 декември 2023 

Претседателката на Либерално демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова, во вечерашното гостување на ТВ Сител, осврнувајќи се на одлуката за заедничко настапување на претстојните избори со европската коалиција, истакна дека, нејзината партија треба да биде предводник на таа коалиција со оглед на тоа што најотворено и најжестоко се бори за европските вредности.

- Во моментов согласно сите проценки и анализи нема опција за самостоен настап, меѓутоа како претседателка на ЛДП сум овластена да водам преговори со сите партии со кои навистина гледаме дека ќе се борат за прогрес на земјата и за брзо членство во Унијата, наведе Зајкова, одговарајќи на новинарско прашање околу настапот на ЛДП на претстојните избори.

Таа истакна дека се надева оти во иднина поголемите партии ќе се одважат на барањето за една изборна единица, со цел фер да се борат за застапеноста.

-ЛДП неодамна имаше тематска конференција и слоганот „Секој е важен“ стана како општо прифатен политички слоган. Гледате после нас и ВМРО објави слоган „Важно е“. Во рамки на таа конференција  беа излистани и приоритетите кои ќе ни бидат како црвени одредници за идното коалицирање, рече претседателката на ЛДП, осврнувајќи се на претстојните преговори со идните коалициони партнери во однос на програмата за претстојните избори кои покрај евроинтеграциите ги зафаќаат и сите сфери.

Зајкова потенцираше дека без оглед на тоа кој ќе ја формира следната влада мора да се најде заедничко решение за тоа како државата ќе се движи напред.

-Сега ние разговараме за прашање коешто го детектира правецот на државата и сметам дека без оглед кој ќе ја формира следната влада, треба да се најде заедничко решение како ќе ја движиме државата напред, бидејќи веќе не е прашање дали ќе биде ВМРО, ЛДП или СДСМ, туку е прашање на иднината на Македонија. Државата демографски старее, луѓето ни одат надвор и ние некако цело ова прашање го претворивме во прашање за Бугарија, наместо во прашање што ќе добие Македонија од членството во Европската унија, истакна претседателката на ЛДП, одговрајќи на прашање околу идните чекори за решавањето на спорот со Бугарија, кој го кочи членоството во ЕУ.

Таа потсети дека Бугарите од самиот почеток посочувале дека ние нема да го промениме Уставот, а опозицијата, како што рече, им даде аргумент плус дека се во право.  

Зборувајќи за неодамнешниот Извештај за напредокот на Северна Македонија, изготвен од Европската комисија, таа потенцираше дека на земјата навистина и е потребна Унијата за спроведување на системски реформи.

-Нас навистина ни треба ЕУ, односно ни требаат тие преговори по поглавја. Секогаш се тргнува веројатно повеќе од политичките поени, отколку од системски реформи и ни требаат тие преговори за да може системски да се реформира општеството, бидејќи 32 години од осамостојување ние не гледаме дека има некакви драстични промени, рече Зајкова.

Таа нагласи дека она што е клучно, е тоа што ќе направиме како држава за да го подобриме стандардот на живеење.

-Не е ни прашање што ќе се нотира од страна на ЕУ, прашање е на тоа што ние ќе направиме за да си го подобриме секојдневието, бидејќи ние живееме тука. Луѓето кои што се во Европа живеат во европски развиени земји и тие можат само да нотираат на парче хартија. На нас останува да го имплементираме она што сакаме да го живееме, истакна претседателката на ЛДП.

Осврнувајќи се на најавената Иницијатива за отповикување на градоначалници, Зајкова истакна дека Централниот одбор на партијата донел заклучок со којшто ги овластил општинските организации да започнат да собираат потписи од граѓаните.

Станува збор за иницијатива којашто треба да овозможи поголема вклученост на граѓаните бидејќи тие се вклучени во изборот на градоначалникот, меѓутоа натаму немаат никакви ингеренции доколку градоначалникот не ја врши својата работа онака како што им ветил на граѓаните, посочи Зајкова.

ЛДП

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан