• понеделник, 23 декември 2024

Зајкова: ЛДП е фокусирана на своите политики, а не дали ќе настапува во одредено мнозинство

Зајкова: ЛДП е фокусирана на своите политики, а не дали ќе настапува во одредено мнозинство

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова изјави дека партијата дејствува независно и оти тоа може да се заклучи од поднесените закони на ЛДП, од стренограмите, излагањата и гласањата во Собранието. 

На новинарско прашање зошто нема писмено известување за независното дејствување на ЛДП, која на изборите во мај настапи во коалиција предводена од СДСМ, Зајкова одговори дека „не гледа дека нешто би се сменило“ зашто „јасно и видливо“ е дека „ЛДП дејствува независно бранејќи ја својата либерално-демократска политика“.

-Сме го направиле тоа и во изминатиот состав, но не гледам дека нешто би се сменило бидејќи по самото гласање и предлозите кои ги даваме и излагањата, јасно и видиливо е како дејствува Моника Зајкова, рече претседателката на ЛДП на прес-конференција на која соопшти дека поднесуваат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи.

На прашање дали партијата ќе му се придружи на владејачкото мнозинство, одговори дека во моментов партијата е фокусирана да се позиционира со своите предлози и политики за граѓаните, а не, како што рече, „дали ќе настапува во одредено мнозинство или во одредено друго мнозинство“. 

Додаде дека и да има понуда до ЛДП за коалицирање, би се разговарало во рамки на партиските тела и органи и дека за тоа јавноста ќе биде известена.

Зајкова ја нарече „квази“ иницијативата на дел од членовите на ЛДП кои пред две недели соопштија дека формираат одбор за промени на раководството на партијата.

-Квази затоа што беше претходно доставена до медиумите наместо до Централниот одбор, согласно статутот. Централниот одбор заседаваше по однос на иницијативата и таа доби нула гласови поддршка, додаде Зајкова. хс/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан