• среда, 25 декември 2024

Зајкова: ЛДП во Собранието повторно ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи

Зајкова: ЛДП во Собранието повторно ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи

Скопје, 2 ноември 2024

 

Либерално-демократската партија повикува на итно усвојување на измените на Законот за платежни услуги и платни системи по скратена постапка, со цел заштита на граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките. ЛДП втор пат по ред ги поднесува овие измени, откако веќе еднаш минатата година поднесе иницијатива за истото прашање.

Според последните анализи, добивката на банките во вториот квартал од оваа година е зголемена за 35,3% во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, граѓаните се соочуваат со високи банкарски трошоци и провизии за услуги од секојдневието, како што се одобрување кредити, тековно одржување на сметки, проверка на состојба на трансакциска сметка, па дури и повлекување готовина од друга банка.

Иако овие прашања делумно се предмет на интерната политика на банките, потребна е законска регулатива која ќе ги заштити граѓаните и ќе воведе поголема транспарентност и праведност во работењето.

„Со измените на Законот, кои веќе еднаш ги поднесовме минатата година, предвидуваме конкретни мерки за регулирање на банкарските провизии, како и воспоставување на правна рамка за ограничување на трошоците кои банките ќе можат да им ги наметнуваат на граѓаните. Доколку ова успееме да го оствариме, очекуваме видливо подобрување на општествената финансиската стабилност и правичност“, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

Измените на законот предвидуваат укинување на плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од други банкомати, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите на банкарското работење.

Претседателката Зајкова повторно упати апел до сите пратеници од партиите во македонското собрание да гласаат и да го поддржат овој предлог-закон, со единствена цел - обезбедување праведен банкарски систем и заштита на интересите на граѓаните.

Овој предлог-закон е дел од заложбите на ЛДП за создавање на правична финансиска иднина, намалување на секојдневниот економски притисок и конечно, престанување на грабежот на граѓаните.

Со почит,

Либерално-демократска партија

Фото: ЛДП

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан