• недела, 24 ноември 2024

Заштитата на Охридското Езеро можна само со заедничко и координирано делување на властите на сите нивоа и граѓанските организации

Заштитата на Охридското Езеро можна само со заедничко и координирано делување на властите на сите нивоа и граѓанските организации
Охрид, 22 септември 2021 (МИА) – За ефективно управување со Охридското Езеро и заштита на неговите извонредни природни вредности клучна е заедничката визија на Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија и трите општини на македонската страна на Охридското Езеро, како и поддршката и соработката на граѓанските организации. Тоа е ставот на Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, чии реномирани експерти заедно со нивните македонски колеги работеа на изготвувањето Студијата за валоризација за Охридското Езеро. Според ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање, денешното потпишување на заедничката изјава за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро од страна на градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца – Константин Георгиевски, Рамиз Мерко и Зоран Ногачески е потврда на подготвеноста на трите општини да соработуваат во процесот на репрогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата. Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочува дека е постигнат напредок во делот на заштитата на Охридското Езеро, како една од најрепрезентативните и меѓународно препознаени природни убавини во нашата држава. - Неодамна овој напредок беше препознаен и од Комисијата на УНЕСКО, кога добивме дополнителен период да постапиме по нивните препораки и да ги завршиме започнатите активности. Токму Студијата за валоризација на Споменикот на природата - Охридско Езеро и работата на Нацрт-Планот за управување, беше една од клучните активности со кои ние ја покажавме подготвеноста вистински да го заштитиме Охридското Езеро, изјави денеска министерот Нуредини, додавајќи дека единствен начин да се постигне поставената цел е заедничкото, здружено делување на централната и локалната власт, воспоставување соработка и добра координација на локалните самоуправи. Студијата за валоризација на Споменикот на природата - Охридско Езеро беше предадена на општините Охрид, Струга и Дебрца со цел усвојување од страна на нивните совети и формално доставување до Министерството за животна средина и просторно планирање, за отпочнување на постапка за повтoрно прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. На градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца им беше предаден и Сертификатот со кој се потврдува впишувањето на Охридското Езеро во светската Рамсарска листа на заштитени водни живеалишта. Инаку, Студијата за валоризација за Охридското Езеро е изработена во рамките на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биодиверзитетот во планирањето на употребата на земјиштето“ финансиран од Глобалниот фонд за животна средина. аб/цр

Остани поврзан