• сабота, 23 ноември 2024

Захарова: Москва е подготвена за итен контакт со Вашингтон за продолжување на договорот СТАРТ

Захарова: Москва е подготвена за итен контакт со Вашингтон за продолжување на договорот СТАРТ
Москва, 22 јануари 2021 (МИА) - Москва е подготвена за итен контакт со Вашингтон за да може Стратешкиот договор за оружје да биде продолжен на пет години што е можно поскоро, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. - Подготвени сме да воспоставиме контакт меѓу министерствата за надворешни работи на Русија и САД без да губиме време, со цел да го потпишеме продолжувањето на договорот Нов СТАРТ. Ова треба да се направи што е можно поскоро, имајќи предвид дека договорот истекува на 5 февруари, рече Захарова. Како што пренесува агенцијата ТАСС, таа истакна дека Русија ја поздравува желбата на новата американска администрација да го продолжи Договорот за пет години. - Ние можеме само да ја поздравиме таквата определба. Русија постојано се залагаше и се залага за донесување таква одлука, рече Захарова. Претходно денеска, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги поздрави намерите на новиот американски претседател Џо Бајден за продолжување на договорот за контрола на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија, Новиот СТАРТ, но додаде дека Москва сака да види конкретни предлози од Вашингтон. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки вчера изјави дека американските власти се за продолжување на договорот СТАРТ 3 за пет години. Русија и Соединетите Американски Држави го потпишаа Договорот за стратешко офанзивно вооружување (СТАРТ-3) во 2010 година. Според неговите услови, секоја страна ќе го намали стратешкото офанзивно оружје на таков начин што, седум години по стапувањето во сила на договорот и во иднина, нивниот вкупен број нема да надминува 700 распоредени интерконтинентални балистички ракети, подморнички балистички ракети и тешки бомбардери, 1.550 боеви глави на нив, 800 распоредени и нераспоредени лансери на овие ракети. Договорот е на сила до 5 февруари оваа година, освен ако не биде заменет со дополнителен договор пред тој датум. Може да се продолжи за најмногу пет години, со заедничка согласност. паг/

Остани поврзан