• четврток, 26 декември 2024

Затворени операционите сали во Прилепската болница, се чекаат резултати од испитувањата

Затворени операционите сали во Прилепската болница, се чекаат резултати од испитувањата

Прилеп, 21 февруари 2023 (МИА) - Шест дена се затворени операционите сали  на Гинеколошкото, Хируршкото и на Ортопедското одделение во Прилепската болница. Оттаму се земени брисеви и се испитува бактериолошката состојба. Ова го потврдуваат од прилепската градска болница „Борка Талески и од Центарот за јавно здравје од Прилеп. Резултатите од земените брисеви се очекуваат деновиве.

Кети Смилеска, директорка на Прилепската болница објаснува дека сето се случува откако на Скопските клиники почина пациентка од Прилеп која имала компликации ден по извршена киретажа во болницата.

- Во понеделникот 52-годишна прилепчанка имаше киретажа во болницата и беше испратена на домашно лекување. Во вторникот пациентката се вратила во болницата  со компликации со зголемена температура. Наредниот ден е испратена на Гинеколошката и на Инфективната клиника во Скопје каде починала. Од четвртокот се затворени операционите сали и се земени брисеви за испитување. До денес салите се затворени и се чекаат конечните резултати, објасни Смилеска.

Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје потврди дека се затворени операционите сали на Гинеколошкото, Хируршкото и на Ортопедското одделение и дека се чекаат резултати од земените брисеви.

- Чекаме резултати од Институтот за јавно здравје и од микробиолошката лабораторија при прилепскиот Центар за јавно здравје. Резултатите ги очекуваме најдоцна до петок, рече Николоска.

Додека не стигнат резултатите од земените брисеви од операционите сали во Прилепската болница, тие ќе останат затворени.ем/вј/

Остани поврзан