• недела, 24 ноември 2024

Засилени инспекциските контроли на храната, акцент ставен на новогодишните пакетчиња

Засилени инспекциските контроли на храната, акцент ставен на новогодишните пакетчиња

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведуваат засилени контроли кај операторите со храна пред претстојните новогодишни и божиќни празници. Се проверува дали и колку се исполнети општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама. Во овој период, акцент со контролите ставен е на новогодишните пакетчиња за деца при што се контролира рокот на употреба на производите кои ги содржат, како и означувањето.

-Со досега спроведените контроли не се утврдени недоследности од аспект на безбедноста кај оваа категорија производи. Кај некои оператори исклучок е означувањето на задолжителните информации, каде недостасуваат декларации на македонски јазик, соопштуваат денеска од АХВ.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, од АХВ апелираат до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk, соопштуваат од Агенција за храна и ветеринарство. дма/sa/

Фото:МИА архива

Остани поврзан