• среда, 25 декември 2024

Засилена градежна динамика на трасата на автопатот Охрид – Кичево, до летната сезона готова делницата од Охрид до Врбјани

Засилена градежна динамика на трасата на автопатот Охрид – Кичево, до летната сезона готова делницата од Охрид до Врбјани

Охрид, 24 ноември 2024 (МИА) – Засилена динамика на терен, работа и во ноќни услови и асфалтирање при ниски температури, како и пуштање во употреба на делницата на автопатот од селото Врбјани до Охрид најдоцна до почетокот на наредната летна туристичка сезона. Тоа денеска од Охрид го најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, беа на увид на градежните активности на терен на автопатот Охрид – Кичево.

Министерот Николоски во оваа прилика истакна дека автопатот Охрид – Кичево е еден од проектите на кој актуелната Влада посветува најмногу внимание, како што рече, со амбициозен пристап и решеност за демонстрација на резултати.

- Проблемите ќе ги решаваме, нема да зборуваме за нив затоа што на сите ни е преку глава од образложенија. Автопатот ќе биде завршен, тоа ќе е симбол на посветеноста и работата на целокупната Влада, заедно со поддршката на Општина Охрид и сите вклучени во реализацијата. Роковите си ги зададовме сами и ќе ги реализираме. До почетокот на следната летна туристичка сезона ќе има некаде 40 километри автопат, со исклучок на мал дел од делницата кај селото Ботун затоа што таму има поголеми проблеми со свлечишта и косини, рече тој.

Посочи дека е направена голема мобилизација на терен, со ангажирани повеќе од 600 луѓе со околу триста машини, дека се работи секојдневно, на сите делови од трасата.

- Во исто време најавувам и рехабилитација на патот на превојот Пресека, што ќе започне уште од утре. Тоа е со цел тој дел од патот да се користи се до 2026 година кога ќе биде готова целата автопатска делница, рече Николоски посочувајќи дека со преостнатите делници на кои веќе се работи како онаа од Букојчани до Кичево и од Букојчани кон Гостивар, како и со рехабилитација на автопатот, Гостивар – Кичево, Охрид и Струга ќе имаат автопатско поврзување со главниот град.

Вицепремиерот уште рече дека се работи и на надминување на проблемот со отсечувањето на селата долж трасата на автопатот, дека тоа ќе се реши со надвозници и подвозници. Николоски појасни дека долж целата траса на автопатот со надвозници и подвозници ќе има и алтернативен пат за потребите на жителите од селата во атарот општините Охрид, Дебрца и Кичево.

Директорот на ЈПДП, Трајановски, вети дека од Врбјани до Охрид левата страна на автопатот со сигурност ќе биде завршена до јуни односно до почетокот на летната туристична сезона.

- Правиме напори да биде готова и десната страна. Наследивме големи проблеми, меѓутоа сведоци сме на голем напредок во градежните работи на овој дел. Јас промовирав ноќно асфалтирање, а сега исто така работиме и во зимски услови со додавање адитив во асфалтот, со што ја продолжуваме градежната сезона, рече Трајановски.

Како што беше истакнато, тековно се решаваат проблеми со експропријација, преостанати имотни прашања, одредени објекти на трасата, новопојавени проблеми на терен. Според Трајановски, се уште на терен најмногу проблеми се косините, за кои рече дека се оставени недовршени на атмосферски влијанија, што претставува дополнителен предизвик, но со уверување дека истите проблеми се надминуваат тековно. Според него, останува рокот до 2026 година за целосно завршување на автопатското поврзување на Охрид со Кичево.

Градоначалникот Пецаков од своја страна истакна дека засилената градежна динамика дава за право да се верува дека ќе бидат реализирани ветувањата дадени до граѓаните, а дека новата автопатска делница заедно со најавените дополнителни летови кон охридскиот аеродром значајно ќе придонесат за подобрување на туризмот како најзначајна стопанска дејност за градот и регионот. аб/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан