• среда, 25 декември 2024

Заседание на Советот за општи работи на ЕУ на ниво на министри за кохезивна политика 

Заседание на Советот за општи работи на ЕУ на ниво на министри за кохезивна политика 

Брисел, 18 јуни 2024 (МИА) - Дебатата за поврзаноста меѓу кохезивната политика и Стратешката агенда на ЕУ, како и усвојувањето на заклучоците за 9-тиот Извештај за кохезија, ќе бидат главни теми на денешниот состанок на министрите за земјите членки на Унијата задолжени за кохезивна политика што ќе се одржи во Луксембург. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со ова формално заседание на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ посветено на кохезивната политика во име за белгиското претседателство со Унијата ќе претседава претседателот на Владата на регионот Валонија, Елио ди Рупо. 

Според најавата, министрите ќе разменат мислења за врската помеѓу кохезивната политика и Стратешката агенда на ЕУ за 2024-2029 година, која треба да ја усвои Европскиот совет на заседанието закажано за 27 и 28 јуни. 

ГАК, исто така, се очекува и да ги одобри заклучоците на Европската комисија за 9-тиот Извештај за кохезија, што беше објавен на 27 март годинава. 

Се очекува претставникот на Чешка да ги информира министрите за заедничката декларација на 11 министри одговорни за политиката на кохезија, договорена на нивниот состанок одржан на 14 минатиот месец во Прага. 

Дополнително, Чешка и Словачка ќе ги информираат учесниците на состанокот за „Изјавата од Карлови Вари“, што беше потпишана од претставници од 11 земји членки на ЕУ на Годишниот политички дијалог на регионите со јаглен во транзиција. сп/

Фото: Европски совет 

Остани поврзан