• недела, 24 ноември 2024

Засадени 250 млади стебла бор крај Осломејско Езеро

Засадени 250 млади стебла бор крај Осломејско Езеро
Скопје, 26 март 2021 (МИА)-  Денеска членовите на риболовното друштво„ Хантер Фиш“ од Кичево, засадија 250 млади стебла бор крај Осломејското езеро, кои за неколку години ќе претставуваат заштитен појас на езерото и ќе ја намалат опасноста од ерозија.

-Ние членовите на риболовното друштво„ Хантер Фиш“ од Кичево, за да ја намалиме ерозијата на крај езерскиот појас, презедовме акција со која засадивме 250 млади стебла бор. Покрај намалување на опасноста од ерозија, овие стебла во текот на летните месеци ќе обезбедат поголеми сенки и повеќе погодности за рибарите а, ќе го подобрат и струењето на воздухот, кога времето ќе биде многу топло и спарно, рече Бесмир Елези, претседател на риболовното друштво„ Хантер Фиш“.

Големи заслуги за овој еколошки зафат одат на адреса на членот на риболовното Слободан Страшеноски, кој со сопствен ангажман ги обезбеди овие стеблена кои денеска се засадени крај езерото.

-Од поодамна имав идеја како да обезбедиме што поголем зелен појас крај Осломејското езеро, акумулација која и на овој начин ќе биде уште поубава и попријатна за престој и риболов. На еден локалитет во подножјето на Крушино ги обезбедив овие млади стебленца, кои денес ги засадивме. Се надевам и очекувам, нашиот пример да го следат и останатите членови на риболовното друштво, како и ентузијасти и луѓе од бизнис заедницата од градот, истакна Страшеноски.

Од риболовното друштво појаснуваат дека овие млади стебла се непривлечни за добитокот кој често се напасува во блиската околина и затоа има голема веројатност повеќето од нив да преживеат и да пораснат во големи стебла.  за/свс/

Остани поврзан