• недела, 24 ноември 2024

Започнува 37-та ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ 

Започнува 37-та ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ 

Крива Паланка,20 јуни 2023,( МИА) -  Започнува 37. издание на Меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“. Од денеска до 27-ми месецов во манастирскиот комплекс„Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка ќе творат 12 ликовни уметници од Швајцарија, Турција, Словенија, Полска, Бугарија и Северна Македонија.

-Оваа наша традиционална манифестација што се одржува во прекрасниот амбиент на манастирскиот комплекс и годинава ќе биде дом на еднонеделна уметничка работна творечка дејност на уметници од шест држави од Балканот и Европа. Како секое издание, авторите ќе творат инспирирани од амбиентот, по слободна креација и без тематски рамки, а завршницата на колонијата ќе кулминира со изложба на создадените дела во манастирската галерија, на 26 јуни, во 19:30 часот, информира координаторот на Меѓународната ликовна колонија, Јордан Михајловски.

На годинашното издание учествуваат: Јана Манева Чупоска, Владимир Темков, Стефан Хаџи Николов, Мирослава Трујкановиќ, Валентина Илијевска и Дејан Иванов Маргуш, од Северна Македонија, Дина Банингер од Швајцарија, Иво Јорданов и Тања Ѓурова од Република Бугарија, Катарина Ортвеин од Полска, Ѓонул Нухоглу, Турција и Јајца Фо од Словенија.

Колонијата и изложбата се дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2023“ и дел од годишната програма од национален интерес на Министерството за култура, со поддршка од Општина Крива Паланка и МПЦ-ОА, Кумановско-осоговска епархија.ид/вј/

Фото: Ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ 

 

Остани поврзан