• четврток, 26 декември 2024

Започнува традиционалниот 59-ти Мавровски меморијал

Започнува традиционалниот 59-ти Мавровски меморијал

Маврово, 8 февруари 2023 (МИА) - На падините на Маврово денес и утре ќе се одржи традиционалниот 59-ти Мавровски Меморијал, кој воедно е и дел од ФИС Балкан купот.

„Мавровски меморијал“ e најстариот скијачки куп на Балканот и еден од најстарите ски купови во Европа и светот, а оваа година се одржува по 59-ти пат во организација на Скијачката федерација на Македонија и Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

- На овогодишниот натпревар ќе земат учество 70 скијачи од повеќе земји, меѓу кои се: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Грција. Техничкиот организатор, ски клубот Мирна Долина, под покровителство на АД ЕЛЕМ и Скијачката федерација на Македонија, оваа година покажаа значителен ангажман за искористување на погодните временски услови и припрема на падините на Маврово на едно повисоко ниво, соопшти организаторот.

Настанот се одржува во спомен на 38-те градители на хидросистемот „Маврово” и 14-те граничари кои ги загубија животите во снежна лавина во 1956 година. 

- Мавровскиот Меморијал е еден особено важен куп за Скијачката федерација на Македонија, кој секоја година традиционално се организира. Во чест на загинатите градители на планината Бистра оваа година ќе скијаат и ќе се натпреваруваат врвни скијачи од 6 различни земји, а ние со нашиот ангажман и напорна работа ќе продолжиме да ја одржуваме традицијата и да го поддржуваме развојот на зимските спортови во Македонија, изјави Дејан Пановски, претседател на Скијачката федерација на Македонија.

Им посакуваме многу среќа на нашите најдобри скијачи Ана Цветановска и Ставре Јаде, кои ќе земат учество на купот, и на сите останати учесници. зс/

Остани поврзан