• четврток, 26 декември 2024

Започнува Соборот на СПЦ, се очекува став за разговорите со МПЦ-ОА

Започнува Соборот на СПЦ, се очекува став за разговорите со МПЦ-ОА
Белград/Скопје, 15 мај 2022 (МИА) - Со свечености во Сремски Карловци денеска ќе започне седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), додека работниот дел треба да продолжи во Белград, по што се очекува да биде соопштено до каде е дојдено во разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). Како што јави дописникот на МИА од Белград, поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, денеска со владиците ќе отслужи литургија во Соборниот храм „Свети отец Николај“ во Сремски Карловци, а нешто подоцна ќе се одржи и прослава по повод стогодишнината од обновата на Српската патријаршија. Годишната седница на Соборот на СПЦ редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици од Србија и странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога тој однос е изедначен, но добива на тежина со неговиот личен авторитет. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени и соопштенија во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања. Како што пренесуваат српските медиуми, јавност во Србија на почетокот на неделава од македонските медиуми дознала за „тајни разговори меѓу СПЦ и МПЦ-ОА“, но и дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна нашата Црква за канонска „под името Охридска архиепископија“. Сепак, како што посочуваат белградските медиуми, конечниот статус на МПЦ-ОА „допрва треба да се утврди“, а разговорите на црковната релација Белград - Скопје продолжуваат. Според српските медиуми, со својата одлука „за канонско признавање на Охридската Архиепископија“, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“. Засега отсуствува реакција на СПЦ на одлуката на патријархот Вартоломеј, освен изјавата на зворничко-тузланскиот епископ Фотиј од 6 мај, пред објавата на одлуката на патријархот Вартоломеј, кој потврди дека имало средба меѓу претставници на двете цркви. - Можно е овој месец на мајскиот собор на СПЦ во Белград, МПЦ, односно Охридската Архиепископија, да се врати во канонско единство со СПЦ и со тоа да се реши расколот од 1967 година. Деновиве како дел од Синодот на СПЦ, го придружував неговата светост на средба со претставници на Македонската православна црква во Нишката епархија. Тоа беше интересен дијалог на љубов, верба и надеж и се надеваме дека ако даде Господ ќе дојде до единство, но прво да се помолиме сите на Бога. Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија, на овогодишното заседание на Соборот во Белград во мај ќе се врати во канонско единство со Српската православна црква, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви, изјави епископот Фотиј. Тој не наведе што тоа конкретно значи, односно дали СПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ, но посочи дека Соборот на СПЦ е пред „голем предизвик“. - Пред нас е голем предизвик и ако Господ дозволи молитвите на владиката Николај Охридски и Жички, молитвите на Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и другите светители, Свети Сава Српски, да го воспостават тоа единство, да се исцели тој раскол што постои од 1967 година. Сега сме на прагот да го решиме тој проблем, ако даде Господ, затоа ве повикувам да се молиме на Бога, сите вие и сите ние, да го решиме за слава Божја и за доброто на нашите свети цркви. Но, и за доброто на нашиот српски народ и за доброто на македонскиот народ, кои се два братски народи, изјави Фотиј. На одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј реагираше Руската православна црква (РПЦ), преку изјава на секретарот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, протојереј Игор Јакимчук, кој нагласи дека „РПЦ ги признава ексклузивните канонски права на СПЦ во Македонија“. Односите меѓу Цариградската Патријаршија и РПЦ се влошија по одлуката патријархот Вартоломеј во јануари 2019 година за признавање на автокефалноста на Православната црква на Украина. Московската Патријаршија тогаш го обвини патријархот Вартоломеј дека „навлегува во нејзината канонска територија во Украина и на расколници им дава автокефалност“ надвор од правилата, кога таму веќе постои автономна Украинска православна црква во рамките на Руската православна црква. Во пресрет на денешниот Собор на СПЦ, група од триесетина општествени, научни, просветни, здравствени и културни работници од земјава вчера упатија писмо со вселенскиот патријарх Вартоломеј со кое ја поздравуваат неговата, како што ја нарекуваат „историска одлука“ за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство со другите православни помесни цркви. - Нашата возљубена Црква, нејзината свештена јерархија, клирот и народот, повеќе не се во шизма и раскол и во меѓународна изолација, туку во канонско и литургиско општење со Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите останати помесни православни цркви. Истовремено, границите на црковната власт на нашиот архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан и на нашиот Свет Синод се најпосле омеѓени и загарантирани, за што ние сме особено среќни, се вели во писмото. Групата интелектуалци изразуваат благодарност до вселенскиот патријарх заради тоа што на нашата Црква ѝ го признава легитимитетот како на духовна наследничка на древната и историска Охридска Архиепископија, за која „слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа“. - За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието. Примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој Вие изградивте одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието, се истакнува во писмото. Потписниците на писмото изразуваат надеж дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на вселенскиот патријарх со поглаварот на МПЦ-ОА. - Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа, порачуваат триесеттината интелектуалци од земјава во писмото до вселенскиот патријарх. об/сп/

Остани поврзан