• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Започна јавната расправа за стратегијата за геолошки истражувања 2025-2045

Започна јавната расправа за стратегијата за геолошки истражувања 2025-2045

Скопје, 3 април 2025 (МИА) - Во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје започна јавната расправа по нацрт Извештајот за стратегиска оцена на животната средина на нацрт „Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини на Република Северна Македонија 2025-2045“.

Професор Блажо Боев, раководител на тимот од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) изјави дека документот бил изготвен во изминатите три години.

-Сега документот е во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со денешниот настан започнува јавната дебата по стратегиска оцена за животната средина, надзор на документот кој што е сработен. Тоа треба да биде процес што ќе го води Министерството за енергетика до моментот на донесување на овој документ, или како ќе процени самото министерство, рече тој.

Државниот секретар од Министерството за енергетика, Филип Петровски, инфомираше дека по денешната јавна расправа, засегнатите страни во следни петнаесет дена може да доставуваат предлози до министерство.

-Многу сериозно ќе ги разгледаме затоа што е во интерес на РСМ е да донесеме сериозна и издржана стратегија во оваа област, нагласи тој.

Министерството, воедно, ги повика сите засегнати страни – институции, експерти, академската заедница, граѓанскиот сектор и бизнисот – активно да се вклучат во креирањето на стратегијата. 

-Нашата цел е овој документ, изработен од реномирани научници и експерти, да ги следи највисоките стандарди и да обезбеди одржлив и ефикасен развој на земјата во следните две децении, посочија оттаму во најавата за настанот.

Нацрт Извештајот за стратегиска оцена на животната средина и нацрт текстот на Стратегијата се достапни на веб-страницата на Министерството.

Таа опфаќа испитување на геолошките материјали и процеси, вклучувајќи истражување на геолошките опасности и начинот на кој тие комуницираат со урбаната инфраструктура и развој.

Според стратегијата, геолошките и геотехничките информации за подземјето се од огромно значење за развојот на градовите и одржувањето на критичната инфраструктура. За да се постигне визијата за отпорни градови, употребата на подземјето мора да биде планирана и интегрирана како дел од надземните агенди. 

Наведено е дека геологијата има клучна улога во урбанистичкото планирање, помагајќи да се намалат конфликтите, ризиците и трошоците за урбан развој. Со управување со подземјето врз основа на геолошки податоци, градовите може да се справат со климатските предизвици и да станат отпорни. Геолошките истражувања обезбедуваат неопходни податоци и експертиза за одржлив урбан развој.ар/дма/
Фото:МИА

Остани поврзан