• сабота, 09 ноември 2024

Започна Фестивалот на Југоисточна Европа 2022, во селекција и македонските филмови

Започна Фестивалот на Југоисточна Европа 2022, во селекција и македонските филмови
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Од денеска почнува онлајн издание на Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа и ќе трае до 6 јуни. На Фестивалот ќе се презентираат најдобрите остварувања од регионот во европските престолнини Париз и Берлин и во Вашингтон. Фестивалот се организира во соработка со универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон. Како што соопштија организаторите, во селекцијата се избрани и македонските  филмови „Стела“ од Стојан Вијучиќ и „101 улога, 102 животи Бајруш Мјаку“ во режија на Филип Херин. За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија, европско и американско. Во состав на европското жири се Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО Париз и филмските критичари Фредерик Фапани, Ив Русле и Игор Станковиќ. Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет, и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари. Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со „Academia Balkanica Europeana“, фестивалот ги воведе признанијата Легенди на Југосточна Европа во која ги вреднуваше  опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие, Боро Драшковиќ. Оваа година високото признание му припадна на познатиот словенeчки режисер со македонско потекло Карпо Аќимовиќ Година. Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, Милена Зупанчич, Арта Доброши беа досегашни добитници на признанието „Актер на Југоисточна Европа“, а оваа година добитик на ова престижно признание е македонскиот актер Бајруш Мјаку. Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика „Гран При Фредерик Росиф 2022“  кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, му припадна на Владимир Перовиќ од Црна Гора. Наградата „Еуропа Прима“ им е доделена на познатиот актер и режисер од Србија Драган Бјелогрлиќ, и на модниот креатор Изет Цури,  додека наградата „SEE Personality 2022“ за придонес и поддршка на културата му припадна на македонскиот бизнисмен Митко Јанчев. Наградените филмови од фестивалот, подоцна ќе бидат презентирани во рамки на проектот Балканофилмофилија во Скопје, во соработка со Кинотеката на С.Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот. Во досегашната историја на оваа манифестација се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.бт/лв/  

Остани поврзан