• недела, 24 ноември 2024

Започна тридневната расправа во грчкиот Парламент за гласање недоверба на Владата

Започна тридневната расправа во грчкиот Парламент за гласање недоверба на Владата
Атина, 28 јануари 2022 (МИА) – Со обраќање на подносителите на барањето за гласање недоверба на Владата, пратениците од СИРИЗА Димитрис Ѕанакопулос и Марилиза Ксенојанакопулу, попладнево, во грчкиот Парламент започна тридневната расправа за недоверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина. Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас соопшти дека од партиите пријавени за збор се 220 пратеници, а говори ќе имаат и министри од Владата. Расправата ќе кулминира во недела вечер кога ќе се обратат лидерите на политичките партии, а последен ќе говори грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по што ќе следи и гласањето, што се очекува да започне по 21 часот. Владата ќе добие недоверба доколку предлогот на СИРИЗА го поддржат мнозинството пратеници од Парламентот, односно 150 плус еден. Во моментов, од 300 пратеници во Парламентот, Владата на Нова демократија има 157 пратеници, шест повеќе од минималната граница за парламентарно мнозинство. Денешната седница предвидено е да трае до 2 часот по полноќ, утре ќе започне во 9 наутро и исто така ќе трае до 2 часот по полноќ, додека пак последниот ден, во недела, расправата ќе започне во 9 наутро, за по 21 часот да биде гласањето. Лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА Алексис Ципрас за време на вчерашната расправа во Парламентот за закон од Министерството за развој, вонредно побара збор, упати остри критики и обвинувања до Владата за справувањето со снежната бура и достави предлог за гласање недоверба, на како што рече, „најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата“. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому коментираше дека Ципрас со конкретниот потег сака да остави впечаток „гледајќи дека неговото политичко влијание се намалува, а политичката иднина на неговата партија е несигурна“. Последен пат предлог за гласање недоверба СИРИЗА достави во октомври 2020 година, а се однесуваше на министерот за финансии Христос Стајкурас. Нова демократија, како опозиција, неколку дена пред потпишувањето на Договорот од Преспа, достави барање за гласање недоверба на тогашната Влада на СИРИЗА и Алексис Ципрас. За повторно да биде доставен предлог за гласање недоверба на Владата, потребно е да поминат шест месеци. ср/паг/

Остани поврзан