• среда, 25 март 2026

Започна реконструкцијата на патот кон туристичкиот локалитет Калин Камен во Крива Паланка

Започна реконструкцијата на патот кон туристичкиот локалитет Калин Камен во Крива Паланка

Крива Паланка, 13 март 2026 (МИА) - Во Кирва паланка денеска официјално започна проектот за реконструкција на постојниот патен правец кон туристичкиот локалитет Калин Камен, со средства во висина од 61,1 милион денари, обезбедени преку Министерството за транспорт од буџетот на Република Македонија преку унгарскиот кредит што Владата го обезбеди за поддршка на општините.

Ќе се реконструира вкупна траса во должина од околу шест километри со што ќе се подобрат условите за развој на туризмот и на локалната економија.

-Започна реконструкцијата на патниот правец кон Калин Камен, проект од големо значење за подобрување на пристапот до еден од најубавите туристички локалитети во нашиот регион. Со оваа инвестиција создаваме подобри услови за развој на туризмот, локалната економија и поголема достапност за сите посетители. Вредноста на проектот е 61.116.772 денари со ДДВ, нарачател е Општина Крива Паланка, а е финансиран од Министерство за транспорт, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Инаку , со средствата од унгарскиот кредит во Крива Паланка се реализира уште еден капитален проект, реконструкција на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“, од долот во населбата „Единство“ до спојот со државниот пат А1, што се очекува да обезбеди модерна, побезбедна и функционална инфраструктура.

-Се реконструира вкупна должина од околу 1920 метри, со средства во висина од околу 60 милиони денари од Владата и Министерство за транспорт и кофинансирање од околу 4 милиони денари од Општина Крива Паланка преку Развојна програма 2025-2027, посочуваат од општината.

Со проектот за реконструкција на улицата ќе се обнови одводната инфраструктура и ќе се овозможи поголема безбедност во сообраќајот за граѓаните.ид/вј/

Фото: Општина Крива Паланка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан